За неподнесена аконтативна даночна пријава, глоба во висина од 200 евра
Глоба во висина од двеста евра треба да платат околу четиристотини граѓани на Велес кои минатата година издале локал или стан под закуп. Паричната казна треба да ја платат затоа што годинава не поднеле аконтативна даночна пријава кога во УЈП ги доставиле годишните даночни пријави. Со решението за парична казна на кое нема печат од институцијата туку само попис од службеник, педесетина од нив денеска тропаа од врата на врата во Управата за да им објасни некој зошто да се изложуваат на дополнителен трошок кога уредно го плаќале персоналниот данок за киријата. Тие тврдат дека воопшто не биле информирани од службениците дека имаат таква обврска.
„Имам дадено дуканче под кирија, дадовме даночна пријава за 2015 година но не сме дале аконтативна даночна пријава . Кога дојдов да ја поднесам годишната даночна пријава го прашав службеникот дали треба уште нешто ми одговори дека не треба. Јас си отидов, Денеска кога дојдов со решениево за казна истиот службеник ми рече дека тогаш не било договорено , сега за годинава така се договориле директорите. Ако ја платиме во рок од осум дена казната е сто евра. “, рече Ленче Димова.
„ Јас преку 30 години го издавам локалот, досега вакво нешто немало. Секоја година си поднесувам даночна пријава за платен персонален данок и мислев дека со тоа сум завршил работа . Ако требало ова не би ми претставувало тешкотија да поднесам уште едно ливче . Требало некој да не опомена и да ни каже, а директна глоба не е во ред. Персоналниот данок се плаѓа уште кога ја добиваме киријата тој одма се префрла каде што треба“, рече Радослав Велковски.
Законот за аконтативна даночна пријава за остварен приход од имот и имотни права бил во сила од 2007 година, но граѓаните досега не знаеле за него. Во годините наназад редовно си го плаќале персоналниот данок и уредно во законски предвидениот рок си ја поднесувале годишната даночна пријава. Досега тие не добиле прекршочен платен налог за неподнесена аконтативна пријава. Еден од службениците во УЈП им објасни дека ова е законска обврска и дека нивен пропуст е што не ги следеле законите и не се информирале од веб страницата на институцијата.
Револтираните граѓани велат дека нема да ја плаќаат казната, ќе побарале ако треба и правна помош. Во петок најавија средба и со раководителката на подрачната единица на УЈП, која моментално била на годишен одмор.
Даниела Саздова