(ОБНОВЕНО)Од одрон на земја загина градежен работник во Велес
Загина градежен работник во Велес. Го затрупа земја од брег додека изведувал градежни работи. Несреќата се случи претпладнево околу 11.30 часот на улицата Максим Горки во населбата Долно Дуќани, на јужниот излез од градот. Пред несреќата, работникот на возраст од околу 40 години, се наоѓал на тесниот пролаз помеѓу куќата и земјениот брег. Работел на ѕидот од куќата на кој што требало да се постави нова фасада.
Во еден момент врз него се свлекло огромно количество на земја и камења и тој останал затрупан под нив. Било невозможно да му помогнат неговите колеги ниту пак граѓаните од околните куќи. Се јавиле во компанијата и побарале да испратат багер. Во исто време ја повикале и брзата помош. Речиси цел час багерот ја откопуваше и фрлаше настрана натрупаната земја под која се наоѓаше работникот. Кога беше отстранета земјата од неговото тело, тој не даваше никакви знаци на живот. Но телото на работникот не можеа да го извадат бидејќи нозете му беа вклештени под камења. Неопходно беше да се обезбеди свлечениот дел од брегот, за да не се случи повторно да падне. На помош дојдоа и четворица пожарникари од противпожарната единица.
„Штом го добивме повикот веднаш излеговме на лице место. Зедовме лопати и копачи, ортома и друг помошен материјал. За жал кога дојдовме на лице место работникот беше починат. Сега се изведуваат други градежни работи за да се извади неговото тело. Трупот го извадивме до половина но нозете му се затрупани и ќе мора да копаме за да му го ослободиме долниот дел од телото. Но најпрво мора да го обезбедиме местото“, рече командир на смена Владо Таневски.
До 13.30 часот телото на починатиот работник се уште не беше извадено од под камењата и земјата.
На местото на несреќата увид изврши екипа на СВР Велес и јаавен обвините. По целсната истрага ќе се знаат причините за несреќата. /Д.С