Велешани вечерва на протест:„Еве ви го народот…“ (ФОТО)
„Нема правда, нема мир“, “Оставка“, „Убијци“, „Поддршка за СЈО, поддршка за Катица“ беа паролите што одекнуваа вечерва од грлата на велешани додека чекореа во протестната поворка од фонтаната кај Авона до амфитеатарот на Младински парк. На ваков начин граѓаните го изразија својот револт чекорејки по главната улица „Благој Ѓорев“ потоа по „8 септември“ до плоштад Сармаале и застанаа пред просториите на ОК на ВМРО ДПМНЕ каде и покрај силното полициско обезбедување скандираа „Оставка, оставка“, „Излези Илија“ и „Еве го народот“ за потоа да се упатат по главните улици кон Младинскиот парк. Попатно голем број на граѓани кои пешачеа по тротоарите се приклучуваа на колоната со демонстранти додека оние кои стоеја на терасите аплаудираа и извикуваа „Браво“ .
Велешани вечерва протестираа против одлуката на Претседателот Ѓорге Иванов за аболицирање на политичари и распишаните вонредните парламентарни избори на 5 јуни. Станува збор за граѓански протест со кој и Велес се приклучува на неформалната граѓанска иницијатива „Протестирам“ која граѓанското незадоволство започна да го изразува со протести во Скопје а потоа и во Битола, Прилеп, Стурмица, а од вечерва во Велес, Штип и Куманово.
„Протестираме против аболицијата на Претседателот Ѓорге Иванов за криминалците што ни ја опустошија државата. Сакаме спроведување на нормални демократски избори од страна на независни експерти на кои ќе им веруваме на спроведените избори за да нема кој да ги оспорува. Ова е неформален граѓански протист, не е партиски бидејќи ние упативме повик кон сите граѓани кои се желни за слобода и правда,“ рече Александар Стојковски од граѓанското движење „Протестирам“.
Меѓу стотиците граѓани вечерва во Велес беше и актерката Ирена Ристиќ која рече дека дошла од Скопје со единствена цел да им даде поддршка на храбрите велешани.
„Вечерва сум со велешани од срце и со огромно задоволство и возбуда. Пресреќна сум затоа што гледам голем број на граѓани и ги има многу повеќе отколку што очекував затоа што стравот стана начин на живот и конечно на тоа мора да му се стави крај. Има надеж, вечерва гледам млади луѓе и родители со мали деца. Детето кое го сведочи ова сигурно ќе израсне во слободен граѓанин. Ќе дојдам пак затоа што ми причинува задоволство да бидам помеѓу слободоуми велешани,“ рече Ристиќ.
Протестите во Велес продолжуваат а организаторите очекуваат од ден во ден да се зголемува бројот на учесници, граѓани кои како што рекоа сакаат слободата и демократијата да се вратат по десетгодишното владеење на режимот на актуелната власт. И утревечер зборно место на граѓаните е фонтаната Авона во 18 часот./У.Ј
(И велешките демонстранти го имаат својот Борко, кучето кое ги следеше граѓаните кои протестираа од Авона до новата театарска зграда)