Успешно реализирана акција за собирање габаритен отпад во Велес
Неупотребливи и непотребни предмети од домаќинството завршија во градската комунална депонија. Дури сто и единаесет семејства од градот „се ослободија“ од старите предмети во домаќинството. Во рамки на пролетната акција за собирање на габаритен отпад што ја спроведе општината, Јавното комунално претпријатие „Дервен“ го презеде отпадот од домовите на велешани и го транспортираше до градската депонија.
Во акцијата се собрани голем број каучи, спални, кујна, душеци, витрини, троседи, столови, врати, прозорци, теписи и уште многу други предмети. Дел од нив, кои се уште можат да се поправат и искористат, завршија во домовите на пет социјално загрозени семејства. Од општината велат дека пролетната акција за собирање габаритен отпад завршила доста успешно со тоа што била реализиранот основното мото на акцијата „Редуцирај-реупотреби-рециклирај“.
Паралелно со собирањето на габаритниот отпад, јавното комунално претпријатие го собра и пријавениот електричен отпад. Голем број телевизори, шпорети, фрижидери, печчи, правосмукалки, бојлери и други предмети од домаќинствата беа складирани во депото за времено складирање на електричен и електронски отпад се до нивно предавање на овластен колективен постапувач.
Акција за собирање на габаритен и електричен отпад, општина Велес ќе реализира и следната година./Д.С