Шарените револуционери од Велес и порачаа на власта: „Ноќта е најтемна пред разденување„!
Велешанката Лилјана Ноневска беше прва што вечерва зборуваше пред демонстрантите и случајните минувачи на плоштад „Сармаале“. Таа своето обраќање го започна со тоа што рече дека доброволно се качила на говорницата, на тоа никој не ја присилил, Сорос не и дал пари и никој не ја влечел за уши за потоа да ги соопшти причините што ја поттикнале јавно да го соопшти својот став за несогласувањето со актуелните политички случувања во државата.
„Дваесет и два дена протестирам и слушам како сограѓани зборуваат дека сите нас сакале да не уништат но, не со бомби како на Зоран Заев туку со вистински со кои би не убиле. Прво неможам да поверувам дека такво нешто слушам а потоа и за фактот што говори за тоа до кое дно стигнаа тие луѓе. Зошто се прашувам себеси а еве и нив? Што сме ви згрешиле на сите вас кои сакате да не убиете?А ние протестираме, мирно и достоинствено, само затоа што ја сакаме слободата. Затоа што сакаме да му дојде крајот на ова зло и тие што го предизвикаа да отидат таму каде што им е местото. Протестираме за сите нас, за вас кои не фотографирате и што сакате да не гаѓате со бомби, за вас кои протестирате на спротивната страна од нас но се продавате за сендвич и за платата што ја земате ама до кога, само вие си знаете,“ рече Ноневска.
Слободата, правдата и демократијата немаат цена за велешанецот Виктор Алексовски кој протестира на сите организирани граѓански протести во Велес и во државата. Тој на присутните демонстранти од „Шарената револуција“ им соопшти дека кога пред година ипол сам излегол да протестира воопшто не се срамел што го преставува Велес додека сега, во изминатите дваесет и еден ден, е особено горд на храбрите сограѓани кои од градот на Гемиџиите на актуелната власт и порачуваат дека сакаат слободно општество,со правда и подготвено да биде дел од Европа.
„Вечерва сум дел од вас, сум граѓанин кој сака слобода, европско општество, демократија, на кого му е доста од криминал,од лаги, од измами и од уцени. Доста е. Во изминатите десет години ми заминаа од Македонија десет мои добри пријатели. Но, ние останавме и за нив, и за нас и за сите што се против нас и кои еден ден ке бидат со нас. Последниве што ги спомнав денеска не плукаат и ни посакуваат смрт но утре ке сватат дека сме биле во право. Граѓани на Велес сакам само да го цитирам мојот драг пријател, сопруг, татко и прерано починат македонски поет Игор Исаковски, со неговата најбрилијантна мисла: Ноќта е најтемна пред разденување,“ рече Алексовски.
Игор Трајчевски пред шарените револуционери и револуционерки рече дека тоа што пред седум недели претседателот на Македонија ја донел срамната и криминална аболиција за криминалците од власта е неприфатлива за граѓаните и затоа тие секојдневно излегуваат на улиците. Потоа му се обрати и на претседателот на ВМРО ДПМНЕ.
„ Тоа што претседателот пред една недела ја промени одлуката за дел од криминалците исто така не ја прифаќаме затоа што законот мора да важи за сите. Селективна правда е неправда а кога нема правда нема ни мир. Никола Груевски во вчерашното интервју пак вели дека ние граѓаните од Шарената револуција сме го тестирале бидејќи причините за своите неуспеси сме ги барале кај власта. Се лажеш Никола. Ние протестираме против лажираните избори и киднапираните институции. Тоа не е наш туку твој неуспех Никола. те слушнавме како договараш провизија од 17 милиони евра со Миле ми текна. Затоа протестираме, против огромната корупција и грабеж на македонскиот народ. тоа не е наш неуспех Никола. Затоа што 70% од младите во Македонија својата иднина ја гледаат надвор од државата. И тоа е твој неуспех Никола. Студентите протестираат против условите во кои живеат, во студентските домови. Тоа не е нивни туку твој неуспех Никола. Протестираме и за сите криминални дела од изминатите години и протестираме затоа што се обидовте да скриете убиство. За тоа си виновен ти Никола. Тоа е твој неуспех и тоа е твој криминал,“ рече Трајчевски.
Нашата Македонија можеме да ја ослободиме само со тоа што секој од граѓаните, како дел од Шарената револуција, секојдневно ќе движи за слободата и ќе движи за својата држава, рече на вечерашниот протест Мила Царовска.
„Демонстранти во Велес, демонтранти во Радовиш ме прашуваат дали ќе издржиме? Им велам ќе издржиме и ќе биде правда и ќе биде мир. зошто? Поради тоа што два пати се повлекоа од избори. На истиот тој начин сега целосно ќе ја повлечат аболицијата, повторно ќе формираат техничка влада која ќе спроведе фер, демократски и слободни избори затоа што сечиј глас е вреден, затоа што секој има право да се изјасни на слободни избори. Молчењето заврши. Десет години се плашеа од нас, од ова што денеска не имаат гласни и моќни, нас кои што заедно движиме кон идеја и слобода.Од ова враќање нема. Го слушам вчера Груевски се прашува што не мотивирало да бидеме на улица? Па добро бе Никола зарем мислиш дека сите се платеници и криминалци како тебе? Па оваа наша Македонија има ќерки и синови кои се борат за слобода,“ рече Царовска.
Таа ги повтори барањата на граѓаните поддржувачи на Шарената револуција како што се целосното повлекување на аболицијата, итно произнесување на Уставниот суд за уставноста на СЈО, посебно одделение во Кривичниот суд кое ќе ги спроведува предметите од СЈО, вклучување на граѓаните во разрешувањето на политичката криза, реформска влада што ќе ги спроведе реформите на Прибе и сите разрешувања на политичката криза да се случат на територијата на Македонија.
Од „Протестирам“ и „Шарената револуција“ соопштија дека наредниот, дваесет и трети, протест во Велес ќе се одржи во среда, на 1 јуни со почеток во 18.30 часот од пред фонтаната спроти Авона./У.Ј