Штрајк на судските административци се до исполнување на нивните барања
Продолжува штрајкот на судската администрација во Велес. Ќе штрајкуваат се до исполнување на нивното барање, да им се исплати надоместокот за плата во висина од 35 проценти што им го ветила Владата. Претседателот на синдикатот Горан Чолаков и претседателката на подружница на Здружението на судска администрација Љуба Андоновска денеска отидоа во Скопје на средба со министерот за правда но поради зафатеност како што рекоа средбата не се остварила.
Тие сметаат дека со добра волја на предлагачот на законот за судска служба истиот може да претрпи измени и судските административци да го добијат ветениот надомест на плата. Синдикалците и во понеделник имаат договорена средба и се надеваат дека тогаш министерот нема да биде зафатен и ќе ги прими и ислуша за да се реши нивниот проблем.
Ваквото незадоволство кај вработените во судската администрација се јави откако Владата иако донесе одлука, министерството за финансии не го исплати овој надомест. Институциите не го испочитувале ниту дополнителниот рок кој што бил даден.
Штрајкот е организиран во соработка со Здружението на судска администрација заедно со синдикатот на УПОЗ. Се до исполнување на барањата ќе штрајкуваат судските административци во сите судови низ државата./Д.С