Голем интерес кај велешките основци за изучување на грнчарскиот занает
Во тивкото и мирно катче од родната куќа на Рацин каде се уште се чувствува неговиот дух и силната желба за творештво, петнаесетина ученици од велешките основни училишта вредно и посветено го изучуваат грнчарсиот занает. Некои од нив прв пат се запознаваат со тајните на занаетот, други пак неколку години по ред мошне вешто управуваат со грнчарското колце. Но сите тие се дел од грнчарската работилница која се реализира во рамки на традиционалните етно работилници.
„На оваа работилница доаѓам трета година по ред и многу ми е интересно. Научив од глина да правам различни предмети и иако не се совршени за мене се многу драги. Атмосферата во оваа просторија ми предизвикува посебно чувство и со оглед на тоа што тука творел и големиот Рацин“, рече ученичката Алексдандра Ѓуровска.
„Првпат доаѓам на оваа работилница и многу ми е убаво. Сакам да ги научам тајнјите на овој занает , бидејќи знам дека во минатото овој занает бил извор на егзистенција за многу семејства“, рече ученикот Марко Ингилизов.
Во тајните на грнчарскиот занает, учениците и годинава ги води Цветан Шопов. Тој вели дека децата се дисциплинирани и вредно работат со глината и грнчарското колце. Сепак според него, овие десетина дена додека трае работилницата, не се доволни да се научи занаетот.
„Јас четврта година работам со деца кои сакаат да го научат овој занает . Инаку тој е многу интересен но тежок занает. Овие десетина дена се доволни само да го осетат чувсѕвото како е да се работи со глина. Потребно е многу повеќе време за да се навлезе во тајните и вештините на занаетот, да се навикнат и рацете и нозете за управување со колцето. Но и покрај се, многу пријатно сум изненаден од овие дева бидејќи покажуваат огромна желба и интерес за грнчарството“, рече Шопов.
Организаторите на етно работилниците кои се одржуваат во спомен куѓите во Велес велат дека годинава учениците пројавиле голем интерес за изучување на старите занаети. Работилниците ги посетуваат дури седумдесет ученици од сите основни училишта во градот. Тие најавија дека ќе прават напори во иднина работилниците да траат барем три месеци во текот на летото./Д.С