СДСМ обвини, храната во дел од образовните институции е недоволно квалитетна, на што Центарот за јавно здравје демантираше
Велешката опозиција загрижена за безбедноста и биолошкиот квалитет на исхраната кај децата во градинките и учениците во основното училиште „Блаже Конески“ и Ученичкиот дом „Лазар Лазаревски“. Тие денеска на прес конференција излегоа со реакции за резултатите од последните анализи на одделението за хигиена и здравствена екологија при Центарот за јавно здравје направени на храната во овие установи. Опозицијата тврди дека при проверката на приборот за јадење во основното „Блаже Конески“ биле регистрирани бактерии кои можеле да предизвикаат цревни заболувања. Тие изјавија дека млекото и млечните производи не биле доволно застапени во оброкот кај децата, а според нив во оброкот , овошјето и зеленчукот требало да бидат повеќе застапени.
„Децата треба да добијат нутритивно богата храна а не калории од нутритивно сиромашни производи кои често децата ги добиваат во форма на ужинка. Во детската градинка треба да се подобри квалитетот на храна односно да се зголеми внесот на риба, свеж зеленчук и овошје а да се намалат слатките. Децата треба да добијат нутритивно богата храна а не калории од нутритивно сиромашни производи. Во ученичкиот дом исхраната не е целосно правилно планирана според стручните насоки и норми“, рече Велимир Арсов од СДСМ Велес.
Директорката на Ученичкиот дом Лазар Лазаревски, Василка Ѓурчиновски вели дека исхраната на учениците е според поставените стандарди и усвоената листа за јадење од надлежни органи.
„Во сите добиени записници, извештаи, информации за следење на безбедноста и биолошката вредност на исхраната на учениците добиени се следните стручни мислења од надлежните институции.Врз основа на испитаните параметри и стручната анализа примерокот одговара на прописите за микробиолошка безбедност на храна“, рече директорката Ѓурчиновски.
Надлежните од Центарот за јавно здравје пак тврдат дека нема ништо страшно и алармантно во однос на безбедноста и биолошката вредност на храната што им се дава на децата во градинките и учениците во училиштето и домот. Тие редовно вршеле санитарно-хигиенски контроли во кујните на образовните институции, а се испитувала и микробиолошката испраност на храната. При последните испитувања на храната пронашле некои аномалии за кои тврдат дека не ја загрозуваат безбедноста и со соодветна стручна помош можеле да се надминат.
Даниела Саздова