Обезбеден превоз за велешани кои сакаат да им помогнат на настраданите во поплавите
Велешани како и секогаш ја покажуваат хуманоста на дело. Освен помошта во вода, храна, средства за хигиена што ја донираа на штандовите поставени низ градот, тие се самоорганизираа и заминаа во поплавените подрачја во Скопско, лично да им помогнат на настраданите и барем малку да им ја олеснат тешката состојба во која се наоѓаат.
Општина Велес од вчера објави и јавен повик со кој ги повикува сите хумани граѓани, индивидуални клубови, здруженија и организации масовно да се вклучат во акцијата и со физичка сила да помогнат во отстранување на штетите од поплавите. Општината обебзбедува бесплатен превоз за среда. Поаѓањето е од пред општинската зграда во 08 часот.
Инаку штандовите за помош во градот се отворени од неделата попладне. Секој ден граѓаните донираат пакети вода, конзервирана храна, средства за хигиена и други производи. Според првичните проценки пожелно е граѓаните да донираат и кебиња, облека и постелнини а неопходна е и бебешка храна. Штандовите пред влезот на „Булевар“ и пред синдикалната зграда ќе бидат отворени и денеска и утре. Гражаните можат да донираат и на телефон со повикување на бројот 143-400.
Даниела Саздова