Партијата на власт со контраобвинувања до велешките социјалдемократи, „Тие не вложија ниту денар во образованието“
Со контраобвинувања владејачката партија реагираше на обвинувањата на опозицијата за задолженоста на основните и средните училишта во Велес. Во писменото соопштение испратено до медиумите, ДПМНЕ ниту го потврди ниту го негираше податокот за долгот на училиштата, кој според СДСМ изнесува над 850 илјади евра. Во него се вели дека во времето на СДСМ, образованието паднало на најниски гранки и во него не било инвестирано ниту денар.
„Согласно вредносните критериуми на тогашното водтсво на СДСМ, реалното знаење отиде во втор план и стана неважно иако тоа е темелот на сите понатамошни успеси. Создавањето работни навики кај младите се замени со бркање врски, ургенции и притисоци врз наставниците да им пишуваат петки на учениците. Тоа стана вредносен критериум“, стои во писменото соопштение.
Во соопштението исто така се наведува дека за време на мандатот на Владата предводена од ВМРО ДПМНЕ изградени биле четири училишта во општина Велес, додека две реконструирани и санирани./Д.С