Велешани не заинтересирани за проверка на личните податоци во единствениот избирачки список
Тивко и празно е деновиве во канцеларијата на Државната изборна комисија во Велес додека во тек е увидот во Избирачкиот список за предвремените парламентарни избори закажани за 11 декември, годинава. Иако двајцата вработени работат во две смени и така ги покриваат дванаесетте часови од денот во кои граѓаните имаат можност да го остварат законското право на проверка на своите податоци таму засега дошле 135 велешани. Од нив само 5 биле „фантоми“ и побарале со пополнување на образец да се исправат грешките со нивните лични податоци во Единствениот избирачки список. Според раководителот на канцеларијата на ДИК во Велес, Коче Бабунски нивните пополнети образци се веќе испратени во Државната изборна комисија.
Останатите 130 велешани поминале низ рутинска проверка во која дошле до посакуваната информација дека ги има во избирачкиот список и бројот на нивното избирачко место, на кое досега го остварувале правото на гласање. Најголем број од овие граѓани, кои направиле проверка во списокот, доаѓале по други работи во општинската зграда или во одделенијата на подрачните единици на министерствата па воедно ја направиле и проверката во избирачкиот список.
Крајниот рок на јавниот увид истекува во петок, на 11ноември. Дотогаш двајцата вработени во канцеларијата на ДИК во Велес, што се наоѓа на првиот кат во зградата во која се сместени подрачните одделенија на министерствата, ќе работат двосменски. Во последните два дена од утврдениот рок, во четврток на 10 и петок 11 ноември, велешани увид ќе можат да направат и до полноќ.
Убавка Јаневска