(ФОТО) „ Хуманоста има широки насмевки“ порачаа децата од велешката детска градинка „Димче Мирчев“
Хуманоста е најголема човечка особина, доблест за секој поединец а хуман човек е оној кој им помага на луѓето кои имаат потреба од љубов и добрина. Награда за се што сториле добрите луѓе секако е насмевката што ја добиваат од оние на кои им помогнале. Ова се само две пораки од проектот „Хуманост за широки насмевки“ што годинава се реализира во шесте клона на општинската детска градинка „Димче Мирчев“ во Велес. Се што дечињата научиле за позитивните човечки доблести тие прикажаа на нивната завршна манифестација која се одржа во дворот на централниот клон на градинката, кај Жаба зграда.
Децата танцуваа и пееја пред своите родители, баби и дедовци. Заедно со своите воспитувачки и со помош на чичко Тони Ковачев ги изведоа танците што претходно ги вежбале на избрана музика. Така ги испраќаа своите пораки за хуманоста што се покажува кога се дарува крв за да се спаси човечки живот, за човекот кој е богат само кога има големо срце, за добрината што постојано треба да ја красат не зборови, не пари туку дела. Децата дел од своето танцување им го посветија и на животните, на тие што не се згрижени туку препуштени на улиците и на кои им треба помош во галење, хранење и вдомување. Тие еден свој танц и посветија и на својата другарка Софија која не е од Велес но хумани луѓе и подариле дом, среќно детство и можност некому да рече: „Мамо“./У.Ј