Анѓушев: „Чекорите што ги прави Владата се исклучително важни за целата држава, драго ми што денеска гледам дека има поддршка од граѓаните“
Многу ми е драго што сум во родниот град и особено ми е драго што моите сограѓани дојдоа во голем број со што потврдија дека ја прифаќаат политиката на Владата со која државата ја отвора кон Европа и светот, поточно да стане членка на семејството на кое му припаѓа, НАТО и Европска унија, рече пред новинарите во Велес на прославата за поканата од НАТО вицепремиерот Кочо Анѓушев.
– Овие чекори што ги прави Владата се исклучително важни за целата држава. Драго ми што денеска гледам дека народот тоа масовно го прифатил. И имаме за што да славиме. А славиме не поради тоа што со самот влез во НАТО ќе се обезбеди поголема безбедност за државата и за граѓаните туку и за тоа што ќе се обезбедат поголеми перспективи. НАТО не значи само безбедност туку и сигурност за инвеститори, значи економија и подобар живот. Праксата и искуството од соседните земји кои станаа членки на НАТО и ЕУ покажува дека има влијание врз економскиот живот во државите. Малите и средни претпријатија добиваат поголем пазар, добиваат исти услови, стануваат конкурентни на деловниот пазар на Европа и не само во делот на конкуренцијата туку и во делот на поволностите што ги нудат европските фондови и грантови. Сведоци сме дека во последно време сите меѓународни финансиски институции се наклонети кон Македонија. Тие сакаат да и помогнат на државата, на Владата и на граѓаните на Република Македонија, рече Анѓушев.
Вицепремиерот потсети дека Владата интензивно подготвува проекти за Коридорот 8, за пречистителни станици, водоводи и канализации што е особено важно за да се достигне квалитетот на живот на граѓаните кои живеат во ЕУ.
– Се разбира Македонија тоа преку ноќ не може да го достигне но време е еднаш да тргнеме по тој пат. Време е по дваесет и пет години чекање и тапкање во место да тргнеме по патот на интеграција во ЕУ и НАТО а тоа практично значи и да го достигнеме квалитетот на живот на граѓаните во тие земји. Да не се навраќам на тоа каде пред десет години беа Бугарија, Романија или како денеска Албанија граби со сериозни чекори напред. Македонија не заслужува да остане последната црна дупка на балканот и мислам дека токму со овој чекор што сега го прави државата ќе го фати приклучувањето. Ние како влада ќе работиме посветено за да обезбедиме подобар живот за сите граѓани во државата, рече Анѓушев.
Одговарајќи на новинарско прашање како македонската Влада ќе го спречи одливот на работна сила, пред се млада, што се случи во земјите како Бугарија, Романија и Хрватска со влезот во ЕУ, вицепремиерот рече:
– Точно е, дел од младите од тие земји заминаа на работа во поразвиените држави. Но ние денеска сме сведоци дека и во Македонија тоа се случува. Колку млади луѓе земаа пасоши на соседна земја и заминуваа од државата. Нема да има потреба повеќе да се земаат пасоши на друга држава. Мобилноста е нешто што не може никој да го спречи. Во 21 век мобилноста на знаењето, добрата, индустрија ние мораме да го овозможиме. Јас се надевам дека младите луѓе ќе осознаат дека и во Македонија ќе може да се создаде добар живот. Јас лично сум еден пример, потекнувам од работничко семејство во оваа држава па еве сум создал и во родниот град се вратив. Затоа мислам дека многу млади луѓе ќе ги препознаат можностите што ќе им се понудат. Дел од нив ќе проценат дека животот им е подобар надвор од државата, ние тоа не можеме да го спречиме со сила туку само со подобри услови дома, рече Анѓушев.
Прашан за став поврзан со успешноста на Референдумот на кој граѓаните ќе треба да го соопштат својот став поврзан со промената на името на Република Македонија во Северна Република Македонија, Анѓушев одговори:
– Јас ги повикувам моите сограѓани во Велес а и сите граѓани на Република Македонија да го поддржат Референдумот. Референдумот мора да успее. Македонија нема друга опција како перспектива и светла иднина. По дваесет и пет години тапкање во место време е да тргнеме напред. Условот е решението што се нуди, Македонија во соработка со сите меѓународни пријатели. Да не беше поддршката на меѓународната заедница и домашната храброст да се превземат тие чекори веројатно немаше да дојде до ова. Јас користам пригода да им се заблагодарам на сите граѓани поддржувачи, на меѓународната заедница која многу помогна во целиот процес и ние како држава и граѓани мораме тоа да го препознаеме, рече Анѓушев.
Тој додаде дека Македонија мора да ја искористи историската можност бидејќи друга можност набрзо нема да има./У.Ј