Државата ги вдоми Марина и Никола но, тие во станот немаат што да внесат
Марина Антониевска и Никола Давчевски, чии три малолетни деца изгореа во пожарот во Велес, денеска ги добија клучевите од државниот двособен стан. Тој се наоѓа во населбата Тунел, во зграда од комплексот за лица со ниски лични примања и за млади брачни двојки. Тие еден месец и дваесет дена по трагедијата што ја преживеаја обезбедија покрив над глава. Никола не крие дека Министерството за труд и социјална работа го исполнило даденото ветување но и дека сега штом го исчистат новиот дом, што поседувал добри услови за домување, ќе нема со што да го уредат. Ним огнот им зеде се што имаа. Трите малолетни деца и скромната покуќнина.
На Марина и Никола, со кого живее и деветнаесет годишниот син на Марина, Стефан, им треба помош во мебел и основни технички апарати што можеби би ги добиле од добронамерни граѓани кои ги имаат но не ги користат.
Исто така,ова сега тричлено велешко семејство очекува да се реализира уште ветувањето за вработување на Стефан кое го најави Градоначалникот на Велес, Аце Коцевски на прес конференција веднаш по трагедијата на 20 јуни, годинава. Стефан треба да се вработи во ЈКП „Дервен“ .
Од таму на новинарското прашање до каде е постапката за вработување на најстариот брат на трагично загинатите три малолетни деца во пожарот што ја зафати нивната соба под ридот Вршник одговорија дека по разговорот со семејството и прифатената понуда за вработување од страна на Стефан во наредните 25 дена ќе биде спроведена постапката за неговиот прием на работа./У.Ј