Стар Велес никогаш не бил Била односно Вила Зора
Многу одамна е прифатено дека едно од старите имиња на град Велес било и името „Б(В)ила Зора“. Ова Б или В го наведувам бидејќи според едни е „Била“, а други „Вила“ Зора“. Сепак, уште на почетокот на текстот ќе напоменам дека град Велес никогаш не бил преименуван и воден под овие имиња во ниеден познат спис од тоа време. Погрешното именување е направено некаде во дваесетите години на 20 век, кога еден српски историчар и географ погрешно го разбрал текстот кој денеска ќе Ви го презентирам.
Историски гледано од старите византиски и српски извори, еден настан е клучен за погрешното толкување и поистоветување на Велес со Била или Вила Зора. Имено, велешкиот регион од 1334 година со мирот склучен помеѓу Србија и Византија, во близината на Солун, станал граничен регион помеѓу двете тогаш најсилни држави на Балканот. Српскиот крал Стеван Душан и византискиот крал Андроник III Палеолог се сложиле Србите да ги задржат завземените територии во Македонија и да се воспостават граници и пријателски односи меѓу двете држави.
На Византија и одговарал постигнатиот мир, бидејќи претставувал крај на српската експанзија после внатрешните граѓански војни во Византија, кои се воделе помеѓу дедото и внукот , односно помеѓу стариот цар Андроник II и внукот Андроник III. Борбата започнала во Тракија , но многу брзу се пренела и во западните области на Византија, односно во Македонија. Внукот успеал да го порази својот дедо и во 1328 одина го завзел и Константинопол кога го симнал од престолот.
Србија ја искористила граѓанската војна и завзела поголеми територии од Македонија, како Прилеп, Охрид, Костур, Струмица.
Мирот ќе потраел благодарение на договорот ако во 1341 година изненадно не умрел византискиот цар Андроник III Палеолог. Царицата Ана Савојска , која завладеала во името на својот син Јован, влегла во отворен судир за престолот со византискиот благородник Јован Кантакузен.
Граѓанската војна во 1342 година станала неповолна за Кантакузен и тој побарал помош од српскиот цар Стеван Душан. Со 2000 свои војници тој се упатил кон Србија по течението на реката Вардар кон Скопје. Оваа формација се движела по десниот брег на Вардар.
Јован Кантакузен
На патот кон Скопје, „некаде во близина на градот Велес“ Кантакузен се сретнал со српскиот деспот Јован Оливер.
Имено, како што самиот пишува, Кантакузен го поминал Вардар и се сретнал со Јован Оливер на левиот брег на Вардар.
Овој податок укажува дека деспот Оливер не владеел со териториите на десната страна на Вардар, каде се движел со својата војска Јован Кантакузен. Сосема логично е Оливер таму да го пречекал својот пријател Кантакузен, со кого се познавале. Тоа значи дека реката Вардар била природна граница меѓу двете царства поточно била западната граница на српската држава.
Кантакузен пишува дека три дена бил гостин кај Јован Оливер на неговиот двор, чија локација била источно од реката Вардар, некаде во Овчеполието. Тука е грешката што ја направил српскиот историчар запишувајќи дека двајцата високодостоинственици се сретнале во „Б(В)ила Зора“, каде тој го лоцирал дворецот на Јован Оливер и го поистоветил со градот Велес.
Јован Оливер
Јован Оливер не го владеел Велес, но еден дел од велешката област го признавал него како владетел. Тоа биле териториите источно од реката Вардар се до Овчеполието, кои всушност и биле територии на границата на српското царство. Во таа смисла најприфатливо е лоцирањето на „Б(В)ила Зора“ на локалитетот Ѓуриште, североисточно од Велес, во непосредна близина на Свети Николе.
Сега, кога и званично е докажана позицијата на римското утврдување Б(В)ила Зора на посочениот локалитет од страна на екипата археолози на проф. Лилчиќ, со сигурност можеме да констатираме дека Велес никогаш не бил Б(В)ила Зора !!
Б(В)ила Зора бил изграден и осигуран со фортификации за одбрана на источниот пат кон Солун, кој низ Македонија влегувал од Куманово, па преку Овчеполието и течението на Вардар минел низ радовишко, па струмичко поле , се до градот Солун.
Најчестите упади на војски, пљачкашки орди и племиња кон централниот дел на Македонија доаѓале од таа страна, па затоа и постоело ова утврдување, пред се` како одбрамбена фортификација и значаен воен гарнизон.
Љупчо Данов, хроничар и истражувач