Уникатна фотографија на екипата на велешка ФК „Победа“ – кои се фудбалерите?
Велес бил град во кој меѓу првите во Македонија почнал да се игра фудбал и во него биле формирани повеќе клубови. Најстариот е ФК „Горски“, формиран 1919 година додека следни биле „Победа“, „Црвена Ѕвезда“, „Борец“ итн. За фудбалот во Велес доста е пишувано, но сепак , останува уште доста да се пишува и да се истражува, особено за големиот број на фудбалери. Деновиве велешанецот со надимак „Бодљак“ ни ја даде оваа фотографија велејќи ,освен татко му петтиот фудбалер од лево дека не ги познава останатите .
Неговиот починат татко му ја оставил фотографијата на чија задна страна напишал дека тоа е ФК „Победа“ и дека е снимена 1940 година на фудбалското игралиште кое се наоѓало недалеку од денешната фабрика „Брако“, кај пожарната.
Исто така забележил дека сликата е направена за време на Стара Југославија, во време кога ФК „Победа“ била меѓу најдобрите, веднаш по натпреварот со „Будуќност“ кога натпреварот бил добиен со неверојатен резултат од 12:0. По победата и покрај збеснатите воени старешини на СХС фудбалерите на „Победа“ со песни и ора ја прославиле победата. На Којник се играло, пеело и се прославила големата победа. Инаку, поголем број од фудбалерите биле од Којник, Бричкова, Бузана. Оваа фотографија треба да биде спомен и сеќавање на овие спортисти од Велес.
Порталот Дума.мк бара соработка од своите читатели кои доколку препознаат фудбалер или повеќе фудбалери, кои се наоѓаат на фотографијата, да ни ги пишат нивните имиња и презимиња. Би ви биле благодарни и за дополнители информации за нивни потомци, поточно живи членови на семејствата, како и информации дали тие живеат во Велес? /С.А