На брегот на „Езеро Младост“ засадени 13.700 садници на 10 хектари површина
Големата граѓанска акција за пошумување на опожарениот појас околу „Езеро Младост” со учество на над 300 граѓани и припадници на АРМ од Гарнизонот „Алексо Демниевски Бауман“ се одржа денеска, сабота 28 декември 2019 година. Граѓаните засадија 13.700 садници на багрем, чемпрес, јасен и јавор на површина од 10 хектари. Средства за 2. 700 садници се обезбедени од донатори, а Општина Велес обезбеди средства за набавка на 11. 000 садници. Гледката и впечатокот уште претпладнето, кога најголем број од учесниците во акцијата за пошумување стигнаа со сопствен превоз, на брегот на „Езеро Младост“ покажа дека изградената јавна свест на велешани за заштита на животната средина дава резултати.
Особено значајно за граѓаните беше единството што го покажаа Градоначалникот на Велес, пратеници, членови на Советот на Општина Велес, претседатели на политички партии од власта и опозицијата, вработени во општината и јавните институции, од бизнис заедницата, од граѓанскиот сектор и од сите ротаријански клубови.
Општинската администрација ги даде инструкциите, каде кој ќе пошумува, на која парцела веќе изорана и со ископани дупки од Шумското стопанство „Бабуна“.
По распределувањето на садниците, од каминот што ги обезбедија Ротари клубовите, следеше демонстрација од страна на Командантот на Работната бригада „Кочо Рацин“ на Здружението на граѓани „Акцијаш ветерани“, Миле Маџаров како треба да се засадат израснатите дрвца.
– Ископаните дупки се длабоки. Прво раситнете ја ископаната земја и ставете мала количина во дупките. Со нозе натапкајте ја земјата во дупката а потоа ставете ги садниците. Повторно ставете земја и натапкувајте со нозе, убаво од сите страни, да нема простор и воздух се до врвот, додека не ја истуркате и последната количина на ситна земја, рече Маџаров.
Користејќи ги овие совети, бизнисмените, политичарите и граѓаните заедно започнаа со засадувањето.
Но, акцијашите ветерани веќе засадуваа садници. Нивното искуство го покажуваа на дело.
– Во рамки на веќе започнатите активности за помош при ревитализација на опожарените површини околу велешкото езеро Младост, Ротари Клуб Велес во соработка со Општина Велес денес спроведе акција за засадување на висококвалитетни петгодишни садници на јавор, јасен, слива и јапонска цреша, на површина од 6.000 м2 лоцирана веднаш покрај главниот пат на брегот на езерото, во зоната која се користи за излетнички активности и рекреација. Според идејниот проект, следува поставување на систем за наводнување капка-по-капка, како и дополнително уредување на дел од површината, со цел истата да прерасне во убаво излетничко место покрај велешкото езеро. Акцијата е поддржана од РК Скопје-Центар, РК Велес Бели Мугри, РК Кочани-Виница, РК Куманово, РК Штип, Инервил Клуб Велес, Ротаракт Клуб Велес. Благодарност до сите присутни ротаријанци и пријатели, како и до членовите на ЗГ “Акцијаш-Ветерани” од Велес кои несебично ја помогнаа денешната акцијата, рече Александар Шопов Претседател на Ротари Клуб „Велес“.
Садниците за еден час беа засадени. Неколку засади и акцијашот Ердован Етовски кој од Швајцарија во родната Мелница, во Општина Чашка, стигна вчера за денеска како што вети да учествува во акцијата на „Езеро Младост“.
– Ротари клубовите постојат за да и помагаат на заедницата. Дониравме, набавивме садници и пошумуваме заедно со граѓаните. Сите заедно ја пошумивме парцелата на која е планиран парк чии бенефит ќе го уживаме сите заедно, велешани како и туристите кои ќе доаѓаат на езерскиот брег. Тука се и акцијашите чие искуство е драгоцено. Помошта е од неизмерно значење. Сите ние заедно даваме одличен пример што очекуваме да го следат сите наши сограѓани, рече бизнисменот Јосиф Манев кој е ротаријанец и претседател на Управниот Одбор на ЗГ „Акцијаш ветерани“.
Паралелно со засадувањето на израснати дрвца на првата парцела се одвиваше пошумувањето и на преостанатите 4 илјади хектари површина. Вработените во ЈКП „Дервен“ засадуваа садници со багреми од рано утринава. До нив, на своја парцела, садеа вработените во „Жито Маркети“ а до нив и вработените во ЈУДГ „Димче Мирчев“ па потоа следеа општинската и администрацијата вработена во државните институции.
Со топол чај учесниците во акцијата ги служеа волонтерите на Општинската организација на Црвен Крст во Велес
Штом се засадеше една парцела се преминуваше на засадување на наредната.
Горе, на последните парцели на ридот од брегот на Езеро Младост, додека се засадуваа последните садници со багрем студот и северниот ветер го донесоа и првото провејување на снег./У.Ј