Веселиот Дедо Мраз: Велешани, во 2020 година, ќе ви посакам уште многу вака успешни акции за пошумување на „Езеро Младост“
Еуфорија се создаде штом на брегот на езерото се разлеа низ просторот добро познатиот слоган „Охо хо хо хо“. Граѓаните кои посветено и концентирано ги засадуваа садниците со дрвца одеднаш ги подигнаа главите, се исправаа и со поглед бараа од каде доаѓа овој поздрав кој единствено асоцира на најпознатата светска личност, Дедо Мраз. И токму тој, Веселиот Дедо Мраз, се искачуваше од подножјето кон врвот на ридот додека со ѕвонецот мавташе и го извикуваше само нему својствениот поздрав.
– Дојдов да бидам дел од вас, граѓаните кои доброволно одлучија да подигаат нови шуми и нови бели дробови на својот град, Велес. И восхитен сум од оваа ваша иницијатива, што не ви пречи денешниот студ и што со насмеани лица како и во весела дружба засадувате садници. Вие сте среќни и задоволни затоа што знаете дека придонесувате за разубавување на ова прекрасно туристичко место. И јас дојдов да ви помогнам. Пред 45 години,јас како дете Мраз, бев тука и присуствував на тогашното пошумување а кога летово пожарот ги пеплоса боровите шуми, иако бев далеку во мојата родна Лапонија, гледката тешко ми падна. Во тој час се зареков дека штом стапнам во мојот драг Велес првиот час ќе го искористам за засадување на дрвца на Езеро Младост. Затоа ќе засадам пет, 10 или 20 дрвца за да дишите чист воздух, вие и моите најверни пријатели, малите велешанчиња. На сите вам ќе ви посакам уште многу вака успешни акции во Новата 2020 година, од среќа срцето да ви пее, лицето да ви се смее, од љубов душата да ви блика и тоа да биде вашата секојдневна слика.Охо хо хо хооо, рече Веселиот Дедо Мраз.
По оваа порака и тој се вклучи во засадувањето на садниците со багрем. Учесниците во акцијата за пошумување го чекаа да заврши а потоа следеа фото сесии со Веселиот Дедо Мраз./У.Ј