Полицијата уапси велешанец под сомнение за изборен поткуп на гласачи
14.07.2020
Под сомнение дека поткупувал гласачи, полициски службеници, вчеравечер во домот на велешанецот А.М (35) извршиле претрес кога биле одземени еден мобилен телефон и повеќе рачно испишани листови од тетратки со испишани лични податоци на околу 250 граѓани од Велес, соопшти Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.
-По насока на Јавен обвинител на ОЈО Велес лицето е лишено од слобода поради сомневање за сторено кривично дело „Поткуп за избори и гласање“ по член 162 од КЗ и со истото во просториите на СВР Велес е извршен разговор во врска со пронајдените предмети при што од негова страна било дадено признание и потврдено дека конкретните списоци биле направени од него по конкретни насоки од лицето З.М, блиско до локално раководство на локална партија во Велес и на истите имало име и презиме и матичен број на лица од ромска националност кои би гласале за политичката партија а за возврат би добиле финансиски средства, додаде Чулев.
На денешната прес конференција министерот соопшти дека СВР Велес во координација со ОЈО Велес превземаат дополнителни мерки за целосно расчистување и документирање на случајот како и на инволвираност на други лица по што ќе следи кривична пријава освен за А.М и за нив./У.Ј