Велешка „пожарна“ располага со релативно нов возен парк но има помалку од потребниот број пожарникари
Возниот парк на противпожарната единица во Велес, заедно со штипската, се најнови. Возилата за гаснење на пожари се просечно стари по 12 години. И ако Територијалната противпожарна единица во Велес располага со релативно нови видови на возила во Македонија во делот на расположливите човечки ресурси сепак е рангирана во групата општини кои имаат помалку од потребниот број на пожарникари, помалку од еден пожарникар на 1.500 жители. Велес има 0,8 пожарникари на 1500 жители, покажа најновото истражување на Центарот за граѓански комуникации.
Според резултатите на истражувањето и базата на податоци на бројот на пожарникари и противпожарни возила во земјава најстаро противпожарно возило, од 57 години е камионот „ТАМ“ од 1966 година, на валандовската единица. Следат четири возила, само по една година помлади, произведени во 1967 година, и тоа: два мерцедеси на Македонска Каменица и Битола, и по еден „ТАМ“ и „ФАП“ на Крива Паланка и на Демир Хисар.
Истражувањето и базата на податоци на бројот на пожарникари и противпожарни возила во земјава ги опфати сите 34-те противпожарни единици кои што вкупно имаат 284 возила, од оние што гаснат пожар до цистерни за вода и возила за превезување на пожарникарите и опремата.
Половина од вкупно 284-те возила се постари од 30 години, додека само 15 % од возилата се стари до 10 години. Во последните три години се набавени дополнителни 65 возила, но и тие се со просечна старост од 17 години. Најстари возила со просечна старост од 39 години, има новоформираната противпожарна единица во Старо Нагоричане. Следно, со просечно стари возила од 38 години е Кратово, а 36 години просечна старост имаат возилата на валандовската противпожарна едница. Од марките возила, најзастапени се камионите „ФАП“ од кои има дури 50 возила, просечно стари 39 години, а следни се 28 Лади Нива, просечно стари 23 години.
Во земјава сè уште недостигаат 340 пожарникари, иако последниот попис на населението покажа значително помалку жители со што се намали и законски потребниот број пожарникари по жител. Помалку од законски предвидениот минимален број пожарникари има во 16 од 34-те противпожарни едници во земјава. Најмногу пожарникари, повеќе од 200, му недостигаат на главниот град Скопје. Скопската единица има 190, а треба да има 405 пожарникари. Следни се Куманово – каде има 33 пожарникари помалку отколку што пропишува законот, Битола, со 21 пожарникар помалку и Тетово кому му недостигаат 17 пожарникари. Спротивно, најдобро стои Ресен со дури 6 пожарникари над законски определениот број, и општините Гостивар, Струга, Кичево и Делчево кои имаат по четири пожарникари повеќе од минимумот.
Убавка Јаневска