Велосипедот ќе биде користен како превозно средство во Велес, надеж даваат најмладите жители (фото)

Објавено на 21 мај, 2022 во 15:38
Фото: Вероника Здравевска и Милена Оцедова на еколошкиот велосипедски крос

Само објавен еден повик, на веб страницата и на фан страната, на Еколошко друштво „Вила Зора“ денеска во Градски парк собра 120 ученици на велосипед. Сите беа преставници  на своите основни училишта и вљубеници во природата и возењето велосипед. На прашањето на Дума.мк зошто сакаат да возат велосипеди Вероника Здравевска и Милена Оцедова одговорија дека тие токму така го поминуваат слободното време и наједноставно се рекреираат.

Фото: Дел од патеката на велосипедскиот крос

-Секое дете сака велосипед. Јас бев многу возбудена кога го добив од родителите. Им благодарам што ме научија да возам на две тркала за оттогаш до денес велосипедот да стане мој омилен другар. Ве уверувам дека ќе возам велосипед и кога ќе пораснам затоа што без да ја загадувам ќе имам можност да уживам во природата, да откривам непознати убавини и да придонесам за заштита на животната средина во градот без издувни гасови, рече Вероника.

– И јас исто така сакам возење на велосипед. Тоа пред се е еколошко превозно средство кое придонесува за здраво тело и за здрав дух. Ќе возам велосипед и кога ќе пораснам. Учам да бидам екологист и да ја заштитувам животната средина, додаде Милена.

Овие две ученички, петооделенки, во ООУ„Васил Главинов“ и ООУ„Св. Кирил и Методиј“ се и другарки.

Фото: Најмлади учесници на кросот

Но не беа најмлади на традиционален велосипедски крос на ЕД „Вила Зора“. Помеѓу 120 ученици од четирите основни училишта во Велес имаше и првоодделенки и првоодделенци.

Фото: Учесници во велосипедски крос

-За разлика од претходните две години, кога поради пандемијата на Ковид 19, кросот го организиравме со помал број на учесници годинава бевме изненадени од големиот број на ученици и ученички коишто се пријавија. Всушност годинава со учеството на 120 ученици ова е најуспешен велосипедски крос којшто е организиран досега. Целта е да се зголеми јавната свест за користење на велосипедот како превозно средство. По одржувањето на кросот во Младински парк, низ велешките улици, годинава одлучивме да го организираме во Градски парк. Навистина е убава глетката да се види толку мали и во исто време толку голем број на велосипедисти на возраст од основно училиште. Тоа ни дава за право да констатираме дека сме успеале во намерата 120 идни граѓани да бидат почитувачи и заштитници на природата, рече Сашка Коцевска подпретседателка на ЕД„Вила Зора“.

Фото: Учесници во велосипедски крос

Рутата на денешниот крос изнесуваше извозени три големи кругови околу Градски парк. Сите учесници беа победници. Меѓу наградите коишто ги добија се и маичките и капите со логото на ЕД „Вила Зора“, организатор на кросот, којшто беше спроведен со финансиска поддршка на програмата Civica mobilitas.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.