Во амфитеатар на Младински парк, од утревечер, XVII ИФФ „Велес“ 2022
Над 600 играорци, вокално инструментални состави, групи, изведувачи од над 20 ансамбли, во наредните четири дена ќе го означат повторно Велес, како домаќин, на меѓународната мапа на фолклорни фестивали во Европа. Велес ќе биде домаќин на 17-от Интернационален фолклорен фестивал што по две години, поради пандемијата со коронавирус, не можеше да ја покаже својата гостопримлвост и да го потврди обележјето на град во кој традицијата на фолклорот се негува над седум децении.
Фестивалот започнува утревечер, со традиционалното дефиле низ централните градски улици кога граѓаните ќе можат да уживаат во ората и танците како и во звуците на традицијата на народите од вкупно седум држави во Балканот и Европа. Почетокот на дефилето е закажано во 19:30 од пред средношколскиот дом „Лазар Лазаревски“ и крајот, поточно, дирекното пристигнување во амфи театар на Младински парк. Таму ќе се случуваат фолклорните надигрувања, испеаните песни и ќе се слушаат звуците на народната музика на ансамблите од Хрватска, Бугарија, Турција, Босна и Херцеговина, Словачка, Србија и домаќините од Република Македонија.
-Фестивалот и традицијата е она по што светот не препознава и треба да го негуваме. Затоа од 6 до 9 јули, Велес ќе биде центар на народната култура. Овој настан ќе обедини повеќе од 20 ансамбли од Хрватска, Бугарија, Турција, Босна и Херцеговина, Словачка, Србија и Македонија. Овој фестивал, во Велес, ќе се одржи по 17-ти пат. Ги поканувам граѓаните на Општина Велес да го посетат амфитеатарот во четирите престојни вечери и да уживаат, рече градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев.
На денес одржаната прес – конференција, претседателот на организациониот одбор на ИФФ Велес, Томе Јаневски, ја претстави програмата на 17-тото издание, велејќи дека годинава таа е најпривлечна затоа што над 20 ансамбли од седум земји ќе го претстават фолклорното богатство на народите во центарот на Велес.
-Свеченото отворање на фестивалот ќе се случи, утре, 6 јули, со почеток во 20:30 часот, на летната сцена на амфитеатарот во Младински парк. И годинава обезбедивме сместуваање за учесниците од странство во Ученичкиот дом „Лазар Лазаревски“ каде ќе имаат можност за заедничко дружење и продлабочување на соработката. Искрено верувам дека со оваа програма ќе успееме да го привлечеме вниманието на граѓаните кои во летните вечери ќе можат да уживаат во ората и танците на фолклорните ансамбли, додаде Јаневски.
Тој, исто така, се заблагодари на членовите на организациониот одбор кои изминатиов период несебично се вложија во подготовките на фестивалот, на градоначалникот и на Советот на Општината, на општинската администрација и на сите поединци, организации и компании за оваа манифестација да биде веќе препознатлива во и надвор од државата.
– Ја користам оваа прилика , во името на Општина Велес и Организациониот одбор на фестивалот да ги поканам сите граѓани на Велес во овие летни ноќи да уживаат во раскошот на носиите и музиката што може да ги понуди само богатата фолклорна ризница на народите, додаде Јаневски.
Во случај на лоши временски услови, невреме и дожд, фестивалот наместо во амфитеатар ќе се одржува во спортската сала на основното училиште „Блаже Конески“.
Стефани Манева