Започна есенско кастрење на дрворедите во Велес
Вработените во ЈКП„Дервен“ од денеска го започнаа кастрењето на дрвјата во дрворедот на улицата „Алексо Демниевски Бауман“. Годинава, оваа операција на сечење на гранките на дрворедите во градот, започна од оваа и ќе продолжи на останатите дрвореди во централното градско подрачје. Денеска работниците откриле сосема исушено стебло на едно дрво кое додека траело кастрењето се откорнало и паднало на тротоарот. Уредувањето на крошните на дрворедите, преку сечење на израснатите гранки, ќе продолжи и на улиците „Благој Ѓорев“ и на „8 Септември“.
Според Тодорка Пенкова, лице за односи за јавност на „Дервен“, со кроењето или кастрењето на гранките на дрвјата во дрворедите исто така ќе бидат опфатени и дрвјата на јавните зелени површини, како дел од редовното одржување на јавното градско зеленило.
Таа додаде дека затоа бараат соработка со граѓаните, особено со оние кои ги паркираат возилата под дрворедите, во наредните денови да обезбедат други локации за времено паркирање. Исто така внимателни треба да се и граѓаните кои пешачат. И од нив се очекува кога ќе забележат да ги заобиколуваат местата на кои работат работниците на „Дервен“.
Стефани Манева