Жените и девојките во научните области со еднакви третмани, панел дискусија во Europe House Велес

Зошто е важно да се поддржат жените во научните области, со кои предизвици се соочуваат и дали се уште постојат стереотипи за обесхрабрување на жените да се занимаваат со области поврзани со наука, беа дел од прашањата поставени на панел дискусијата „Жените и девојките во науката – еднаков третман за еднакви вредности“ одржана во Europe House Велес.
Говорници на панел дискусијата беа Наташа Пејчева инженер, прехрамбен технолог и раководител во Погон за преработки од месо во Агриа Велес и проф. Д-р Даниела Николовска Неделкоска Продекан по наука и меѓународна соработка и Вонреден професор при Технолошко технички факултет. Одговарајќи ги прашањата, двете говорнички се сложија дека во денешно време голем е бројот на млади девојки и жени коишто се дел од науните области.

-Во нашата компанија поголем дел од вработените се жени. Ние постојано посетуваме семинари, го надоградуваме своето знаење и сме еднакво прифатени на сите обуки како и нашите колеги – мажи. Овие професии бараат жртва, затоа треба да ја сакаш својата работа, да бидеш подготвен да одговориш на секој предизвик, да останеш некој час повеќе на работното место, но најбитно од се е да ја имаш поддршката од своето семејство, пријателите, рече Наташа Пејчева за време на дискусијата.
Професорката д-р Даниела Николовска Неделкоска во целост се сложи со одговорот на Пејчева и додаде дека целосно се надминати стереотипите за обесхрабрување на жените и девојките да се занимаваат со области поврзани со науката.
-Повеќе не постојат стереотипи за тоа дека девојките не треба да се занимаваат со области поврзани со науката, тоа го прокоментиравме со Наташа и пред почетокот на дискусијата. Најбитно е секој човек како индивидуа да истражува, да работи и да дојде до резултат којшто ќе биде значаен за работата и ќе резултира со голем успех. Воопшто не е битна половата разлика меѓу луѓето, додаде Неделковска Николоска.

Панел дискусијата беше организирана по повод 11 февруари Меѓународниот ден на девојките и жените вклучени во науката, којшто од 2015 година е воспоставен со одлука на Генералното собрание на Обединетите Нации а секоја година се спроведува од страна на УНЕСКО.
Стефани Манева
