Формиран клуб за едукација на велешките спортисти!
Велешките спортисти да се едуцираат, а нивните активности добро менаџираат. Ова е целта на новоформираниот центар за едукација и менаџмент кој од денеска свој клуб има и во Велес. Тој ќе треба да им помогне на сите спортисти и спортски работници да успеат да се промовираат, но и преку семинари да учат од повеќе звучни имиња од различни спортови.
„Денеска сме во Велес каде се сретнавме со преставници на десетина клубови. Им обаснивме дека ќе се обидеме да им дадеме шанса на сите професионални, но и непрофесионални спортисти. Целта ни е да им помогнеме во пробивањето во време кога во градот, но и земјава дел од спортовите се во изумирање. Немаме цензура за ниеден спорт и веќе вклучивме работници од 27 различни спортови“, вели Бојан Захариев, председател на ЦЕМС.
Бенефитот треба да го почувствуваат сите спортисти кои ќе влезат во мрежата на ЦЕМС. Тие ќе имаат можност да посетуваат најразлични обуки, но и да контактираат со нивни колеги од други градови и држави.
„Активностите започнуваат веднаш, верувам успешноста на овој проект и токму за тоа се нафатив да бидам велешки координатор. Се надевам дека со неговата реализација сите спортови во градов ќе одат во нагорна насока“, вели Кире Јачев, координатор за Велес.
Од ЦЕМС веруваат дека ќе имаат партнерски однос со општините и спортските федерации и со заедничка соработка ќе успеат да реализираат повеќе активности. Прва од таков вид ќе биде доделувањето на наградите за спортист на годината во Велес.