Неуспешна година за кошаркарите на “Фени индустри“
Кошаркарите на Фени Индустри ја обезбедија победата над очајниот тим за оваа сезона, Пелистер, завршувајќи ја со триумф и не така успешната календарска 2012 година.
Во оваа сезона трофејниот тим остана без ниеден пехар.
На последниот натпревар по долго време можевме да видиме дури четворица кавадарчани на теренот, по двајца во двете екипи, Самарџиев и Манев во дресот на Фени, и Мукаетов и Баснарков во гостинскиот тим. Но, наместо кавадарчаните, младиот битолчанец Димитар Илиевски кој втора сезона е во тимот на Фени го отвори резултатот, најпрво со кош од табла за 2-0, за веднаш по тоа по украдената топка да заврши со забивање за 4-0 и да ја најави почетната серија од 11-0 креирана за само 2 минути игра. Шутерското шоу на капитенот Самарџиев кој имаше фантастични четири од четири од зад линијата 6,75, само ја зголеми предноста која по првите десет минути изнесуваше 19 поени разлика, 31-12. Комбинираниот состав предводен од асистенот Љупко Малинков во кој покрај Илиевски се најде и Павле Николов беше причината за гостите да ја добијат втората четвртина, и да намалат нешто од убедливата предност, која на полувремето изнесуваше 15 поени, 41-26.
Наместо да продолжи со подмладен состав, Рајковиќ реши второто полувреме да го започне со силна петорка, но високата разлика делуваше демотивирачки, па избраниците на предводникот на Фени одиграа чисто колку да го одработат мечот, добивајќи ја третата четвртина со 17-12, за на крајот, по 40 минути игра, македонскиот вицешампион по двонеделна пауза, конечно да ја прослави новата победа, овој пат убедлива со резултат 85-58.
Трајковски со 17, Соколов со 16 и капитенот Самарџиев со 13 беа најефикасни во домашниот тим, додека Мукаетов со 11 и Баснарков со 7 беа веднаш зад првиот стрелец на својот тим, Марјановиќ кој постигна 16 поени.
По овој меч, следува двомесечна пауза, а кошаркарските возбудувања од првата машка лига ќе продолжат во февруари, и тоа со големото дерби во Градски парк во Скопје против Работнички, за веднаш потоа да следува уште еден тежок меч, овој пат против Куманово во Јасмин.