Рајковиќ замина од КК Фени индустри
Досегашниот тренер на трофејниот КК “Фени индустри„ Емил Рајковиќ заминува во “Работнички“.
По неколкудневни преговори, управата на Фени Индустри го прифати барањето на Емил Рајковиќ за раскин на договорот, прекинувајќи ја седумгодишната соработката.
За своето заминување Рајковиќ до јавноста се обрати со писмо во кое искажува благодарност за подршката што ја добиваше во изминатите седум години. Се заблагодари на навивачката група “Лозари“, управата на КК “Фени.
„Кога пред седум години, во времето на првиот претседател на клубот Димитар Ѓорѓиев, добив повик од најзаслужниот за мојот ангажман, Илија Хаџи-Николов, а по препорака на тогашниот играч на Работнички Горан Самарџиев, не можев ниту на сон да замислам дека престојот во Кавадарци тотално ќе го смени мојот живот. Градот, каде што претходно имав доаѓано многу ретко, со текот на годините и дружењето со луѓето што живеат таму вистински го засакав. Клубот, кој растеше заедно со мене, придонесе мојот живот да добие смисла бидејќи мојот живот е кошарката. Фени Индустри ми даде шанса кога бев сè уште млад и неафирмиран тренер да водам еден тим што беше во својот почеток и со голема амбиција да стане лидер и основен двигател на кошарката во Македонија.“ пишува Рајковиќ и искажува посебна благодарност Амир Абед, но и на Јусуф Миракхмедов, кои му дале поддржаа тогаш кога ретко кој сакаше.
Нагласува дека успесите на Фени ќе останат запишани во историјата на Македонија бидејќи стана втор клуб во историјата по бројот на освоените трофеи, и тоа три шампионски, две куп-титули, но и прв и единствен клуб што освоил меѓународна титула во историјата на македонската кошарка, со процент на победи од околу 80 отсто, што е знак за апсолутна доминација во тие шест-седум години.
“Сите тие успеси немаше да постојат доколку ја немавме фанатичната поддршка од трибините, од буквално нашиот шести играч – публиката во сега веќе легендарниот ’Јасмин’. Кога велам публиката, правам дистинкција од најверните, ’лозарите’. Тие се идната генерација на Кавадарци и на Македонија. Тие ни покажаа дека младите повеќе разбираат. Дека победата и поразот не се живот или смрт, кога губевме, најчесто само тие беа со нас, само од нив никогаш не сум чул лош збор, туку напротив, поддршка и во најтешките моменти. Тие демонстрираа искрена љубов и верност и затоа сите други кои мислат дека се постари, поискусни, попаметни би можеле многу да научат од нив. Секогаш сум се трудел да бидам искрен со нив и да ги почитувам како што тие ме почитувале мене и горд сум што успеаја во своите намери да станат една модерна, оригинална, хомогена група, која се води од вистински хумани идеали и јасни принципи.На компанијата што не поддржуваше и е главен ‘виновник’ за револуцијата на кошарката – Фени Индустрис и нејзиниот генерален директор Константинос Даскалакис искрено им благодарам од сето срце за сè и ве молам продолжете бидејќи кошарката во Кавадарци не е само спорт туку начин на живот и начин на изразување, идентификација и зголемување на самодовербата на граѓаните од сите социјални сталежи, различни религии и раси, со разни политички и други убедувања.“ стои меѓу другото во писмото на Рајковиќ.
По заминувањето на Рајковиќ во Градски парк во Скопје, низ кавадаречките спортски кулуоари на големо се шпекулира за името на неговиот наследник. Познато хрватско тренерско име е една од опциите која најверојатно нема да се оствари поради висината на месечната плата, па според добрите познавачи на кошарката се очекува Марин Докузовски да биде новиот предводник на македонскиот кошаркарски вицешампион.