“Фени индустри“ оваа пролет ќе се бори за титула!
Последните вести кои доаѓаат од КК “Фени индустри“ се позитивни за кавадаречката спортска јавност и примени со радост и воодушевување.
Кај навивачите се враќа надеждта дека и оваа пролет во салата Јасмин ќе се игра затитула.
Вчера информиравме за едно од засилувањата, а сега информираме дека педесет и едно годишниот црногорски стратег Миодраг Кадија е новиот предводник на Фени Индустри и е првото од четирите засилувања кои се очекуваат да пристигнат во Кавадарци во текот на неделата. Тренерот кој кавадаречката кошаркарска јавност добро го познава од дуелите со Струмица од пред пет години најверојатно ќе пристигне веќе денеска, со што и би се официјализирал неговиот трансфер во Фени. А ако Кадија е засилувањето на клупата, тогаш американскиот тандем Кори Мекинтош и Каран Калхун заедно со последниот новајлија, Никола Вучуровиќ ќе бидат новата енергија на теренот.
Довчерашниот играч на француски Тулон, Кори Мекинтош е првиот од тројцата играчи кој се договори со кавадаречкиот тим. Статистиката зад неговото име (14,5 поени по натпревар, 5,4 асистенции и 3,3 скокови) ветува дека американецот ќе биде силна поддршка за капитенот Самарџиев на плејмејкерската позиција, додека 215 центиметри високиот Калхун треба да биде дополнителна поддршка под обрачите. Никола Вучуровиќ е последното странско име кое оваа зима ќе допатува во Кавадарци. Се очекува Вучуровиќ да нема проблеми при адаптацијата на македонската кошарка, затоа што веќе има искуство во дресот на МЗТ Скопје. Претходно, триесет и три годишниот крилен центар има играно и за тимовите на Улцињ, Могрен, Брест и Босна.
Со тројцата нови играчи, и со Бојан Трајковски кој и официјално потврди дека нема да замине од Кавадарци, Фени со сигурност има конкурентен тим кој би се борел за титулата во двете натпреварувања, првенството и купот.