Започна меморијалот “Димитар Ѓорѓиев“
Синоќа во Кавадарци во спортската сала започна традиционалниот меморијален кошаркарски турнир “Димитар Ѓорѓиев.
Една недела по пријателскиот меч во Гевгелија, Фени Индустри и Кожув повторно ќе ги одмерат силите, овој пат во финалниот меч од петтото издание на традиционалниот меморијален кошаркарски турнир „Димитар Ѓорѓиев“.
Есенскиот лидер од македонскиот кошаркарски шампионат, тимот на Кожув без посебен напор го совлада вториот тим од втората по ранг македонска лига, со резултат 81-58, обезбедувајќи си меч за титула. Дарко Радуловиќ со 13 поени беше најдобар стрелец во сопствениот тим, додека играчот на Карпош Соколи, Нинослав Тмушиќ со дабл дабл учинок од 17 поени и 12 скока беше најдобар на паркетот.
Првиот турнирски ден продолжи со свечено отворање на турнирот од страна на портпаролот на клубот, госпоѓица Дивна Пешиќ која уште еднаш ги истакна заслугите на покојниот прв претседател на клубот за успешноста на проектот наречен кошаркарски клуб Фени Индустри, за веднаш по краткиот церемонијал да следи и вториот, многу поинтересен меч за кавадаречката публика, дуелот помеѓу Фени и Струмица.
Почетокот на второто полуфинале најави тврд и неизвесен меч кој ќе се решава до последната секунда. Добрите игри во одбрана на двата тима, или ако повеќе сакате очајните напади на Фени и Струмица беа причина да резултатот во првите две четвртини да биде ракометен. И по паузата двата тима продолжија во ист стил. Лошата вечер на бековите на двата тима ги стави во прв план првите центри на двата тима, па така Бојан Трајковски на крајот забележа 25 поени, додека Немања Арсиќ постигна речиси половина од поените на својот тим, вкупно 30, на кои додаде и 13 скокови.
Сепак неможеше Арсиќ сам против Фени Индустри, кој со 67-62 успеа да слави над Струмица, и со тоа да си обезбеди меч за нов триумф на меморијалот.