Димитровски: Ако му требам на Велес ќе останам во ФК Борец!
Заврши фудбалска еуфорија во градот и се смирија страстите по минатонеделниот триумф на велешките фудбалски надежи во бараж натпреварот во Битола за влез во Втората лига. Сега победата на фудбалерите на Борец над екипата на Корад од Дебар се коментира како остварено ветување што го дала македонската фудбалска легенда Кочо Димитровски уште пред девет месеци за време на изборот на тренерската функција.
Тогаш ветил дека ќе создаде екипа достојна да го врати интересот за фудбалот во градот и за влегување во Втората лига.
Двете ветувања се исполнети, велат велешани. Трошните трибини на градскиот стадион полека од натпревар во натпревар почнаа да се полнат и Борец од есен ќе се натпреварува во Втора лига. Веднаш по одиграниот бараж натпревар во Битола, Димитровски, го прашавме што тој планира и дали останува на тренерското место во ФК Борец.
– Јас сум девет месеци во клубот во Велес и ќе кажам дека имам одлична соработка како со играчите така и со управата. Доколку тие сакаат и понатаму да ја извршувам тренерската функција јас ќе останам во спротивно се враќам назад во Скопје – рече Димитровски.
Дума.мк дознава дека деновиве управата обезбедила симболична премија за играчите. Сега се обидува да најде донатори кои ќе бидат сериозно заинтересирани да застанат зад тимот и да го задржат Димировски на тренерското место./А.Д