Велешките спортски риболовци со златни медали на државното првенство во Струга
Четиринаесет годишниот Тоше Петрушев од Велес го освои првото место на државното првенство на спортски риболовци во категоријата пионери и младинци, што се одржа викендов во Струга. Од таму се врати со два златни медали и стипендија од 40 илјади денари. Екипата на Бабуна, чиј член е и Петрушев, беше апсолутен победник во пионерска конкуренција.
Првите три места им припаднаа на Петрушев кој го освои првото место, за второто место се избори Дамјан Арсеновски, а третото му припадна на Тодор Миров. Екипно „Бабуна “ го освои првото место пред охридската екипа „Свети Стефан, додека третото место го освоија натпреварувачите на „Бадар“ од Куманово.
Во младинска конкуренција првото место и припадна на „Кркушка“од Велес, пред „Црна река“ од Битола и „Свети Стефан“ од Охрид.
Спортските риболовци Филип Кнапиќ и Петре Дучев од „Кркушка“ во поединечна конкуренција го освоија второто и третото место.
Освен пионерите и младинците кои остварија фантастични резултати на државниот натпревар, силите во спортски риболов си ги одмерија и сениорите од „Kркушка“ кои настапија на „Јадранско – Подунавскиот“ куп кој се одржа во Тузла. Таму тие го освоија десеттото место во конкуренција на 17 екипи од сите поранешни југословенски републики./Д.С