Маратонци, пробно, го пливаа првиот маратон на велешко „Младост“
Македонскиот ас во маратонско пливање Дики Бојаџи со спортското свирче го означи почетокот и ја вклучи штоперицата, искусниот маратонец Бошко Илиев од Кавадарци прв заплива во велешкото езеро. Тој ја предводeше групата пливачи составена од претежно млади луѓе која денеска пробно ја плива пет километри долгата патека на „Младост“. На велешко езеро во август ќе се одржи првиот пливачки маратон.
Тој произлезе како иницијатива на спортските работници во градот кои сакаат да и помогнат на општината од велешко езеро да создаде атрактивна спортска и туристичка атракција.
„Освен спортските работници во иницијативата се вклучија и Црвениот крст како и штотуку промовираните спасители на вода. Одлучивме сите заедно да и помогнеме на општината и еве денеска сме тука за да го реализираме промотивниот пливачки маратон,“ рече Петре Петрушевски.
На плажата пред хотелот „Романтик“ претпладнево дојдоа голем број на љубители на маратонско пливање. Граѓани кои дознале за иницијативата, маратонци и нивни поддржувачи. Маратонецот Тони Стефановски набљудуваше додека неговиот колега Бошко Илиев пливаше. Пред да влезе во водата Илиев рече дека „Младост“ поседува одлични услови за маратонско пливање.
„ Јас пливам веќе 48 години и можам да испливам два до два ипол километри на час. Во четвртокот испливав еден круг во велешко езеро и мерев. Бидејќи пливав сосема до работ на езерото измерив 3,8 км е должината на еден круг. Денеска ќе пливаме малку повнатре во водата, а тоа значи дека еден круг ќе изнесува 2,5 км и очекувам да го испливам за час и половина, “ рече Илиев.
Особено важно за сите учесници на денешниот пробен маратон беше присуството на Дики Бојаџи. Македонскиот маратонски ас беше задоволен од иницијативата бидејќи со неа ќе се поттикнат многу млади надежи.
„ Оваа патека е прекрасна за маратонско пливање, особено за помладите бидејќи не е големо пространството и нема опасности. Се потсетив вашето езеро е исто како во Канада езерото Лактук каде пливав пред отприлика две ипол до три децении. Иницијативата е прекрасна, Македонија, ќе добие уште еден маратон по Охридскиот и секако ќе промовира уште едно езеро по Преспанското, Дојранското и Охридското,“ рече Бојаџи.
Искуствата на пливачите кои денеска први учествуваат во пробниот маратон ќе бидат споделени попладнево./Д.С