Утврдени термините и правилата за користење на атлетската патека на градски стадион
Граѓаните рекреативци ја постигнаа целта. Јавното претпријатие „Парк спорт“ попушти и ја смени првичната одлука по атлетската патека на стадионот да трчаат и тренираат само професиоинални спортисти и членови на клубовите во градот. Од утре и тие ќе рекреираат како и професионалните спортисти на патеката на стадионот. „Парк спорт“ ги дефинираше термините во кои граѓаните ќе можат да трчаат или пешачат. Преку лето патеката ќе може да се користи од 06 часот наутро до 11 часот претпладне и попладне од 17 до 22 часот. Во зимскиот период пак патеката ќе биде достапна од 8 часот наутро до 13 часот претпладне и попладне од 15 до 20 часот.
„Двата атлетски клубови ни излегоа во пресрет и се согласија патеката да ја делат со рекреативците. Па практично ќе биде исто како и претходно заеднички едни да тренираат, други да рекреираат“ рече директор на Александар Табаков.
Но освен што ќе можат да ја користат секој ден, рекреативците ќе мора да поминат низ неколку процедури. Како прво влезот ќе биде од страната на Градскиот парк и секој посетител кој за прв пат доаѓа ќе мора со себе да понесе лична карта со која ќе се пријави кај вработениот на јавното претпријатие заради евеиденција. На атлетската патека освен трчање, граѓаните ќе можат и да пешачат но тоа да бидат во група од најмногу две лица и да се движат по крајните ленти на патеката.
„На стадионот и патеката не е дозолено влегување со автомобил ,мотоцикли ,ролери ,велосипеди ,детски колички. Недозволено е внесување на миленичиња освен ако тоа не е пес водач на слепи лица или лица со посебни потреби. Забрането е посетителите да им попречуваат на атлетските клубови и на фудбалските клубови при реализацијата на тренинзите ,како и секакво фрлање на отпадоци“, рече Табаков.
За заштита и безбедност на имотот, јавното претпријатие постави 24 часовен мониторинг систем. Ако камерите регистрираат непристојно и несовесно однесување, лицето ќе биде отстрането од објектот. Атлетската патека засега граѓаните ќе ја користат бесплатно./Д.С