59 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје
Денешниот ден кога одбележуваме 59 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје, е датум кој е врежан во меморијата на градот на солидарноста, порача претседателот Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски по повод одбележување на годишнината од скопскиот земјотрес што се случи во 1963 година.
„На денешен ден во 1963, во точно 5 часот и 17 минути, накратко запре срцето на Скопје. Катастрофалниот земјотрес однесе многу човечки животи и направи огромна материјална штета. Но, со трудот и пожртвуваноста на скопјани и на пријателите од целиот свет кои несебично подадоа рака, од рушевините се роди едно ново Скопје. Скопје кое стана синоним на солидарност, етничка и архитектонска шареноликост, на еден нов, модерен космополитски дух. Тоа е вистинскиот код на градот“, стои во фејсбук објавата на премиерот Ковачевски.
Премиерот Ковачевски порача дека 26 јули е потсетник дека наша должност е на новите генерации да им ја пренесеме љубовта, еснафскиот дух и пожртвуваноста со кои градот се градеше и развиваше, но и да им оставиме аманет никогаш да не ги забораваат жртвите од земјотресот на кои денес им оддаваме почит.
Исто така, претседателот на државата Стево Пендаровски на неговиот фејсбук-профил напиша дека Скопје сè уште живее со споменот за настраданите во катастрофалниот земјотрес од 1963
„Оваа незаборавна трагедија е потсетник дека најважна е нашата безбедност и дека само заеднички можеме да ја надминеме секоја природна и човечка катастрофа“, порача шефот на државата Пендаровски по повод 59 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје.
Инаку, На 26 јули 1963 година Скопје се разбуди под урнатини. Во катастрофалниот земјотрес кој го погоди градот во 5 часот и 17 минути животот го загубија 1.070 лица, а околу 3.000 беа повредени. Беа урнати 15.800 станови, а оштетени околу 28.000. Над 200.000 луѓе останаа без покрив над главата.