Протест на новинарите против апсењето на новинарот Кежаровски!
Пред скопскиот Кривичен суд, денеска во 12 часот, се организира протест преку Фејзбук против одлуката на истражниот судија, кој на новинарот Томислав Кежаровски му одреди мерка притвор од 30 дена до подигнувањето на обвинителниот акт од страна на јавниот обвинител за организиран криминал.
Претседателот на ССНМ, Тамара Чаусидис на ФБ профилот напиша дека излегувањето денеска во 12 часот пред Основен суд Скопје 1 во знак на протест поради апсењето и притворот за колегата Кежаровски ќе не легитимира секој од нас поединечно, како новинари многу повеке од какви и да било законски дефиниции, припаѓање на еснафски здруженија и синдикати. Секој оној кој во овој случај ја препознава загрозата за професијата, правото на заштита на изворот на информации, правото на слободно и професионално информирање денеска треба да биде пред Основен суд Скопје 1.
„Бараме да се укине притворот за новинарот Кежаровски!
Бараме да престане демонстрацијата на сила и моќ врз новинарите, камерманите, фоторепортерите…
Бараме слобода на медиумите и јавно кажаниот збор!“, напиша Чаусидис, на својот Фејзбук профил.
Кежаровски е уапсен во полициската акција „Ликвидација“, причината за притворот се текстови што ги објавил во списанието „Репортер 92“ во ноември 2008 година со кои наводно го открил идентитетот на заштитениот сведок во случајот со убиството во „Ореше“.
Направена е и онлајн петиција со наслов „Слобода за новинарот Томислав Кежаровски“. Автор на петицијата е Зоран Димитровски.