Пимен: Со фрлените јајца можевте да ги нахраните гладните деца!
Митрополитот европски Пимен, вчера, повторно реагираше на фејбук страната на Европската епархија на случувањата пред општината Центар.
Тој напиша:
„Христијани мои кои ја браните црквата!
Ај што повторно направивте материјална штета а патем од тоа немаше ефект ама што не размисливте христијански барем дека со толку фрлени јајца можевте да нахраните сиромашни и гладни деца што бараат макар и расипано јајце во контењерите, тоа боли повеќе…
А башка и не одделува од Бога… “, напиша Владиката Пимен. Тој засега е единствен што се дистанцира од насилното однесување на тие што демонстрираат во име на верата.
Владиката Агатангел вчера изјави дека Жерновски требало да го собере и да им каже дека не се урива црквата, но сега откако дознал нема да протестирал. Агатангел кажа дека на протестите бил со благослов на архиепископот Г.Г. Стефан.
По протестите, во општина Центар има уништен инвентар. Беа фрлени стотици јајца на општинската барака, скршени прозорци, уништен дел од железната ограда.