Утрински: „Советот на Европа се сомнева дека во Македонија има политичка стабилност“
Советот на Европа „сериозно се сомнева“ дека Македонија има доволна политичка стабилност за да ги спроведе бараните реформи, па затоа најавува отворање на своја канцеларија во Скопје, пишува Утрински весник.
Ова е главната порака од извештајот на Роберт Волтер, известувач за Македонија во Стразбур, кој ќе биде презентиран идната недела и што лично вчера дојде да го претстави претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Жан Клод Мињон. Според оцената внатре, Македонија се соочува со предизвици на повеќе нивоа за нејзината стабилност и социјалната кохезија, а дел од тоа е резултат на големата политизација и партизација на земјата.
Во извештајот стои дека десет години по Охридскиот договор меѓунационалните односи и натаму се фрагилни, дека имаше сериозни инциденти (случајот „Монструм“, етничките протести и слично), па ги повика политичарите да се воздржат од националистичка реторика и да подготват мерки за градење внатрешна доверба. Стразбур бара и конечно да се одржи пописот, да се исполни мартовскиот договор со ЕУ, особено во делот на Комисијата, Владата да обезбеди целосна медиумска слобода, а Грција да покаже поголема флексибилност во спорот околу името на државата.