Светски ден против злоупотребата на детски труд!
Во Македонија се одбележува 12 јуни – Светскиот ден против злоупотребата на детскиот труд. Мотото на манифестацијата е „ Да ставиме крај на злоупотребата на детскиот труд во домаќинствата“.
Првата детска амбасада „Меѓаши“, оцени дека состојбата со злоупотребата на детскиот труд во Македонија е се уште алармантна, иако државата е потписник на Конвенцијата против најлошите форми на злоупотреба на детскиот труд.
Според истражувањата спроведени од страна на Министерството за труд и социјална политика, расне бројот на деца на улица и изнесува околу 2.000. Тие поради сиромаштијата, го напуштаат училиштето, питаат и собираат пластични шишиња помагајќи му на тој начин на семејството.
Злоупотребата на детскиот труд не значи само физичка работа, туку и комерцијална и сексуална злоупотреба, како и трговија со деца и деца војници.
Во светот има приближно 246 милиони деца на возраст од 5 до 17 години чиј труд се злоупотребува, а од нив околу 186 милиони се деца на возраст под 15 години, додека 110 милиони се деца под 12 години кои работат со полно работно време и во лоши работни услови.