Иницијативниот одбор за ослободување на Кежаровски се сретна со евроамбасадорот Орав!
Евроамбасадорот Аиво Орав соопштил дека Европската унија од блиску го следи случајот со притворот на новинарот Томислав Кежаровски, на средбата со иницијативниот одбор за негово ослободување.
– Ние сме земја кандидат за членство во Европската унија и идејата беше да го информираме амбасадорот на ЕУ, Авио Орав, за притворот на колегата Томислав Кежаровски, за кој сметаме дека е неправедно одреден. Тие, се разбира не можат да се мешаат во судството, но со загриженост го следат случајот со притворениот новинар – рече Зоран Димитровски, главен и одговорен уредник на „Нова Македонија“.
По средбата на претставници на Синдикатот на новинари, ЗНМ и МИМ, со евроамбасадорот Орав беше соопштено дека се отвориле и прашањата за условите во кои работат истражувачките новинари и генералната состојба со слободата на медиуми, која стана уште позагрижувачка по притворањето на новинарот на „Нова Македонија“ за текст објавен пред пет години.
Иницијативниот одбор за ослободување на Кежаровски за утре најави средба со Народниот правобранител Иџет Мемети.