„Го сакам ГТЦ“ со писмо до премиерот Груевски!
Во Жена парк, Асоцијацијата на архитекти на Македонија синоќа одржа уште еден собир против барок стилот на Градскиот трговски центар.
На протестот организаторите пред собраните граѓани соопштиле дека испратиле писмо до премиерот Никола Груевски, во кое, меѓу другото, бараат средба со него. Тие образложиле зошто на градот и на скопјани им е значаен актуелниот изглед на објектот и посочиле дека интервенцијата на трговскиот центар е вандализам и со тоа објектот ја губи смислата на своето постоење. Организаторите испратиле писмо и до менаџерски тим на ГТЦ, но не добиле одговор.
Според организаторите досега на петицијата „Го сакам ГТЦ“ се потпишале 5.000 граѓани. Интересно е тоа што ДУП-от за овој објект предвидува само обнова на фасада, а не негова надградба и реконструкција, како што содржи идејното решение, пренесе Плусинфо.
Синоќа на собирот зборувале повеќемина истакнати архитекти, академски сликари, уметници, писатели и граѓани. Граѓански собири ќе се одржуваат секој четврток во текот на месец јули.