Сашко Лазаров: Пуштете не дома, ќе изумреме во затворот во Шутка!
Поранешниот судија на Судот во Велес, сега адвокат, Сашко Лазаров, обвинет во предметот „Ликвидација“ побара судот да им го укине притворот и да ги пушти да се бранат од слобода или барем да се во домашен притвор, зашто за овие 75 дена крајно им се влошила здравствената состојба.
-Судија, до септември половина од нас ќе изумрат во Истражниот затвор во Шуто Оризари. Бидете хумани и пуштете не – им се обрати Лазаров на судиите, откако по целодневното сослушување кое траеше до 18.30 часот, следното рочиште се закажа за почетокот на септември.
Лазаров рече дека животните имаат подобри услови од тие кои ги имаат притворениците.
-Таму нема елементарни услови. Тоа се ќумези во кои се спроведува најголемата тортура и мачење. Откако влегов во притворот, го изгубив здравјето, секој ден пијам по 15 апчиња, притисокот ми е 200, имав проблеми со срцето. Зошто никој не ја разгледува мојата гаранција од над 600 илјади евра за да се бранам од слобода.
Покрај на условите во затворот, Лазаров реагираше дека е обвинет за „противзаконско посредување“, кривично дело кое е изменето во 2011 година и сега има друг назив.
-Јас сум 75 дена во притвор и толку време го барам кривичното дело за кое ме обвинуваат, но го нема, не можам да го најдам во закот – реагираше Лазаров, на што еден од адвокатите му дофрли, да молчи, зашто може да се случи да го остават зад решетки додека не го најде делото за кое го обвинуваат.
Терајќи шега на своја сметка, новинарот Томислав Кежаровски рече дека се надева барем за Нова Година да бидат пуштени од притвор.
И покрај барањата да се замени притворот со куќен, судечкиот совет соопшти дека нема да одлучува по ваквите барања се додека Кривичниот совет на тој суд не се изјасни по сегашните предлози за укинување на притворот со понудени гаранции.
Понудените гаранции биле испратени на мислење до Јавното обвинителство, по што судот ќе донесе одлука. Како што стојат сега работите тешко дека обвинетите би биле пуштени да се бранат од слобода и покрај нивните барања, од хумани причини барем да им се замени притворот и да не лежат во затворот во Шуто Оризари на плус 50 степени.
Сашко Лазаров беше прилично растревожен додека ја даваше одбраната, па на реакција на судијката околу тоа што да влезе на записник, а што не и рече: судијке, па смирете ме?
-А, како да ве смирам? – праша судијката Дијана Груевска Илиевска.
-Пуштете ме од притвор и така ќе ме смирите – рече Сашко Лазаров, кој е обвинет дека противзаконито посредувал кај обвинителот Ивица Ефремов, за тој да даде позитивно мислење за укинување на притворот на браќата Ордан и Љубе Ѓорѓиевски, обвинети за убиството на старецот Лазо Милошевски во случајот „Ореше“.
Саше Димовски