Сто години по Букурешкиот договор
На денешен ден пред 100 години е потпишан Букурешкиот мировен договор, акт со кој Македонија е разделена меѓу балканските држави.
Македонските историчари сметаат дека не е можно ревидирање на Букурешкиот договор, бидејќи тоа е меѓународен договор за кој не постојат никави тајни анекси и се однесува само на разграничување на територии помеѓу завојуваните страни.
– Букурешкиот договор е потпишан во 1913 година за разграничување на завојуваните страни во Втората Балканска војна. За жал, во тој момент Македонија не е субјект, туку е само дел од Османската Империја и не е потписник на документот. Евентуална ревизија на договорот може да вршат само земјите потписнички – смета проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев од Институтот за историја при Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“.
За академик Блаже Ристовски Букурешкиот договор и по 100 години нема ново влијание за Македонија.
– Букурешкиот договор е свршен факт. Состојбите се исти и по 100 години, но и ставовите на одредени сили, за жал, остануваат исти. Букурешкиот мировен договор е акт што е судбоносен не само за Македонија, туку и за поширокиот регион на Балканот. Секако овој договор најмногу ја засега Македонија која со него првпат беше поделена како територија и народ. Со него е определена судбината на Македонија која денеска се најде во позиција да и се негира и вековното име. Дојдовме до тоа дереџе дури да се дискутира и за нашиот идентитет, рече Ристовски.