Владата со нови амандмани за законите за медиуми
Со цел подобрување на законите за медиуми, што се во собраниска процедура, Владата до Собранието на Република Македонија доставила повеќе амандмани, соопшти денеска министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски.
Амандманите, како што рече Ивановски на прес-конференција произлегоа од двете јавни расправи што неодамна се одржаа во Парламентот за Предлог-законот за медиуми и за Предлог-законот за аудио и аудивизуелни медиуми, како и од забелешките што до предлагачот на законите ги доставија претставници пред се на Советот на Европа и на ОБСЕ.
Утре, во хотелот „Холидеј ин“ со почеток во 10 часот, ќе се одржи уште една јавна расправа по овие предлог текстови на која ќе присуствуваат претставници на Советот на Европа, на ОБСЕ и на TAIEX.
Според Ивановски, на квалитетот на утрешната расправа нема да влијае тоа што амандманите се објавени само 24 часа пред почетокот на расправата.