РСЕ: Хан доаѓа да оневозможи пролонгирање на изборите
Хан со своите домаќини ќе разговара за состојбите во земјата, особено на организацијата на изборите во декември, како и спроведувањето на итните реформски приоритети, велат од ЕУ.
Одлуката на владеачката коалиција да не го подржи законот за заштитените сведоци и да обие продолжување на мандатот на СЈО е дел од политичката атмосфера која треба да го пречека евро комесарот Јоханес Хан кој во Македонија доаѓа идниот петок.
Неговата посета на два дена по предвиденото распуштање на парламентот ја потврди и портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич. Таа за Македонската информативна Агенција (МИА) изјави дека Хан ќе се состане со претставниците на четирите најголеми политички партии во земјата, со специјалниот обвинител и со претставници на граѓанското општество, а обемот на мисијата ќе биде дискусии за состојбите во земјата, особено на организацијата на изборите во декември, како и спроведувањето на итните реформски приоритети.
Експертите коментираат дека притисокот врз СЈО и одолговлекувањето на реформите со цел да се пролонгираат изборите повторно го запалил црвениот аларм кај меѓународната заедница од каде порачуваат дека СЈО е клучната работа која произлегува од Пржинскиот договор.
Универзитетскиот професор Стево Пендаровски, кој беше претседателски кандидат на СДСМ, изјави дека Хан доаѓа да оневозможи пролонгирање на изборите договорени на крајот на август на последната лидерска средба кога партиите потпишаа дека услови за избори на тој датум постојат.
„Хан доаѓа во насока на зацврстување на терминот од 11 декември за избори, затоа што владејачката коалиција почнува со нивните тековни опструкции на целиот тој процес кој е договорен и се јавуваат први знаци од нивна страна дека можеби не се задоволни од 11 декември и дека можеби сакаат да ги спојат со локалните избори“, вели Пендаровски.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев во интервју деновиве ја искажа својата загриженост, според информациите кои ги има, дека ВМРО-ДПМНЕ сака да ги одложи изборите на пролет.
Текстот на Радио Слободна Европа во целост прочитај го ТУКА