Ивановска: ДКСК собира податоци за случајот со кинеските вакцини
12.03.2021
На вчерашниот колегиум се договоривме пред да отвориме официјално предмет најнапред да собереме доволно информации поврзани околу медиумските најави дека се случиле такви работи (набавка на вакцини), односно да видиме дали има доволно елементи да отвориме предмет од наша надлежност, изјави во Утрински брифинг претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Билјана Ивановска.
Таа вели дека во ДКСК не се расправало за предметот околу постапувањето на докторот во струшката болница.
-Јас изреагирав со мој личен став, дека треба да се утврди одогорност за целиот процес. Мене навистина не ми е јасно како може некој да влезе во болница, да биде се во ред и да излезе без три органи. Ова како граѓанин си го поставувам како прашање. Кога ја добива лиценцата еден доктор, значи дека тој е одговорен, образован, професионалец и професионално ќе си ја заврши својата работа и дека на некој начин треба да ја гарантира безбедноста на пациентите. на овој начин се губи довербата и во белите мантили. Она што можеби ние ќе го детектираме како случај во ДКСК е позицијата на господинот Асани како директор на клиниката, бидејќи за него се утврдило дека има ординација која работи на диво. Кој може да гарантира дека тој не ги пренасочува пациентите од својата дива ординација, вели Ивановска.
Претседателката на Антикорипциска зборуваше и за случајот со набавка на софтвер од страна на поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски.
-Сериозни наводи излегоа во медиумите за овој случај, па се отвори предмет да се утврди дали навистина станува збор за патенитирање на истиот софтвер, како било спроведена таа јавна набавка, како биле утврдени потребите бидејќи софтверот не се користи, рече Ивановска.
Извор: Слободен печат