Борисов и Заев: Одлуките треба да бидат во духот на Договорот за добрососедство
22.03.2021
Премиерот Зоран Заев сѐ уште добива честитки за вчерашниот реизбор за претседател на СДСМ на првите непосредни внатрепартиски избори.
Еден од оние коишто му упатија искрени честитки е и бугарскиот премиер, Бојко Борисов.
– Зборував на телефон со Премиерот на Република Северна Македонија Зоран Заев. Му честитав за реизборот за претседател на неговата партија и тој ми посака успех на претстојните парламентарни избори во Бугарија. И двајцата се согласивме дека одлуките што двете земји мора да ги донесат во духот на Договорот за добрососедство и пријателство не смеат да се одложуваат и во име на нашата заедничка историја и во името на нашата заедничка европска иднина, објави Борисов на својата Фејсбук страница.
За овој пријателски разговор по телефон, објави и нашиот премиер, Заев.
– Денеска имав телефонски разговор со премиерот на Република Бугарија, Бојко Борисов. Му се заблагодарив за честитките што тој ги искажа за мојот реизбор за претседател на СДСМ и му посакав успех на претстојните парламентарни избори во Бугарија и просперитет на бугарскиот народ. Се согласивме дека одговорите на прашањата што се отворија меѓу нашите две земји се содржат во Договорот за добрососедство и пријателство. Заеднички споделивме дека поскоро треба да дојдеме до решенијата кои ќе поттикнат унапредување на односите меѓу Северна Македонија и Бугарија и дека во минатото на нашите две земји има основа на која треба да ја градиме нашата заедничка иднина во ЕУ., напиша премиерот Заев на Фејсбук.
Заев вчера беше реизбран за лидера на СДСМ на првите внатрепартиски непосредни избори и освои апсолутно мнозинство од сите членови. За Заев гласале 60.840 социјалдемократи со право на глас, 888 биле „против“ и имало 249 неважечки ливчиња. Заев по трет пат е избран за лидер на партијата. Право на глас имаа 68.999 членови на партијата кои го ажурираа своето членство а се гласаше на 237 места во 80 општини низ државата.