Симовски: Пописот ќе се спроведе, ако има бојкот тогаш и понатаму ќе тонеме
26.03.2021
Пописот ќе се спроведе. Овие дезинформации кои ги слушате се токму од овие центри кои пред малку ги набројав. Никој никому не рекол дека пописот ќе биде одложен, ниту имал таква намера. Ова денеска на прес-конференција го соопшти директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, одговарајќи на новинарско прашање.
Тој појасни дека денеска рано наутро требало да почне задолжувањето со лаптопи, а лицата кои се избрани за попишувачи биле замолени да почекаат бидејќи, како што рече, има одреден ситен технички проблем кој треба да се реши и дека ќе добијат информација кога да дојдат во текот на денот да се задолжат со компјутерите.
– Ниту било кој смеел, ниту можел да каже дека пописот е одложен и заради тоа нема да ги добијат компјутерите. Ова се лажни вести и за жал уште еден обид на овие деструктивни сили да делуваат особено кај оваа категорија која треба да го спроведе пописот за да не земат учество во него, нагласи Симовски.
Прашан за оние кои повикуваат на бојкот на пописот, Симовски рече дека нивна законска обврска е и ќе ги пријават сите лица кои повикуваат на бојкот.
– Законските мерки можат да ги преземаат само овластените институции за такво нешто. Ние не сме ни Обвинителство, не сме ни суд, рече Симовски, додавајќи дека повикувањето на бојкот е кривично дело, согласно одредени закони, ако има основа за тоа. Посочи дека нивната цел не е воопшто да се казнува, туку да се соберат податоци, информации од сите.
На новинарско прашање што ако има масовен бојкот, Симовски апелираше граѓаните да не подлегнуваат на повикот за бојкот.
– Ако има бојкот, ако е тој масовен бојкот, тогаш и понатаму ќе тонеме во калта и се подлабоко и подлабоко. Единствената земја во светот сме што цели 20 години не спровела попис. Ако сакаме овој период да го продолжиме и понатаму и да тонеме подлабоко од оваа состојба во којашто сме сега, тогаш нека повелат сите и нека бојкотораат, рече Симовски.
Тој смета дека треба да се прашаат економските субјекти до каде може да тонеме без податоци од попис, како и сите заинтерсирани инвеститори дали воопшто ќе размислуваат да инвестираат во оваа држава.
– Да, болеста зема голем замав, ама ако падне и економијата уште повеќе од ова што паѓа поради пандемијата, нема да можеме да се прехраниме, рече Симовски. Според него, инвестирањето во нашето опкружување и кај нас во голем дел се должи и на немање податоци од попис, како податоци за работна силa.
На 1 април почнува пописот на населението, домаќинствата и становите за резидентното население, а ќе трае до 21 април. Во тек е пописот на дијаспората, односно на нерезидентните граѓани. Заклучно со денес до 8 часот вкупно се самопопишани 148. 719 лица од дијаспората.