Македонија на 80. место меѓу земјите со најголем БДП по глава на жител
Според проценките на магазинот „Global Finance Magazin“ за 2023 година, од 193 најбогати земји во светот, С.Македонија се најде на 80. место.
На прво место меѓу најбогатите земји во светот е Ирска, втор е Луксембург, а трет е Сингапур, а потоа следат Катар, Макао, ОАЕ, Швајцарија, Норвешка, САД, а листата на топ 10 ја затвора Сан Марино.
Од земјите во регионот, најбогата, според авторот на овој текст, е Словенија, која е на 37. место, потоа Хрватска, која е на 49., Црна Гора на 68., Србија на 72., а Албанија на 89. место.
Авторот на текстот, кој излезе пред неколку дена, наведува дека ако се земе предвид бруто домашниот производ на една нација – збирот на сите добра и услуги произведени од државата во текот на една година – тогаш ќе треба да се заклучи дека најбогатите нации се токму оние со највисок БДП: САД, Кина, Јапонија и Германија.
„Но, како би можеле економиите на, на пример, Сингапур или Луксембург да се израмнат со оние на толку моќните земји кога тие се само мали точки на светската мапа? Користењето на БДП по глава на жител останува проблем: истиот приход може да купи многу малку во некои земји, а да оди многу подалеку во други, каде основните потреби – храна, облека, домување или здравствена заштита – чинат многу помалку. За да се процени колку се богати граѓаните на една земја, потребно е да се разбере колку можат да купат. Затоа, кога се споредува БДП по глава на жител низ земјите, тој треба да се прилагоди за паритетот на куповната моќ, што ни помага да ги земеме предвид стапките на инфлација и цените на стоките и услугите на секое место“, пишува авторот, кој користи податоци од Меѓународниот монетарен фонд.
Тој додава дека поради ова долгорочно е подобро не само да се биде богат, туку и да се биде егалитарен.
„Премногу економска нееднаквост го задушува растот за сите, политичката нестабилност е поверојатна, трошоците за здравствена заштита и стапката на смртност се повисоки, како и стапките на криминал и корупција. Да се биде богат во сиромашна земја има и трошоци“, се наведува во текстот на „Global Finance Magazine“ кој опфаќа 193 земји во светот.
Дума.мк