Пензионираниот актер Александар Ѓеоргиев, годинешен добитник на наградата за животно дело „Гемиџии“
Од театарски ентузијаст на младинска преку професионален актер на голема сцена и на филмско платно, директор на велешки театар , еден од основачите на Фестивал на античка драма „Стоби“ до добитник на наградите за животно дело „Петре Прличко“ и „Гемиџии“.
Првата награда за животно дело доделена од колегите, коишто се неприкосновени сведоци на творештвото на актерот, сочинето од драмски текст и режисерско обликување, коишто преку актерската игра на сцена или на филмско платно, се очекува публиката да го препознае потенцијалот, квалитетот и мајсторството, за да го разбере сценското дејство на воздигнување или разголување на ликови, на човечки карактери или особини, на навики или на страсти, без разлика дали костумот во кој е облечен, токму тој, актерот, независно дали става или симнува маски, има задача да ја износи улогата на обичен човек, на цар, на крал или на власт, според заслужени дела или не дела, за на крај да круниса или да жигоса.
Втората, награда за животно дело, доделена од највисоката институција на локалната заедница која вреднува пожртвуваност, идејност, развој , иновативност и промоција како дома, на сцената на матичниот театар, така и надвор од општински па и од државни рамки.
Првата награда „Петре Прличко“, во домот на актерот Александар Ѓеоргиев се наоѓа веќе седум години. До неа, втората, „Гемиџии“, поставена е од вчера.
Кога тие две награди, вредни статуетка и парчиња хартија на кои до имињата на доајенот на македонското глумиште и на револуционерите на македонското движење за слобода, се чита и сопственото име, сигурно преставува посебно чуство, за вредности на професионалниот живот и гордост за постигнатите резултати.
И токму со нив, годинешниот добитник на престижната награда „Гемиџии“, Александар Ѓеоргиев , ќе може да ги остави во аманет сите остварувања и личен придонес низ повеќе од петте децении професионален театарски живот и уметност. Токму тој, првиот дипломиран актер на Велес , на Факултетот за драмски уметности во Скопје, во класата на професорите Љубиша Георгиевски и Владимир Милчин, својата кариера ја започнува во 1975 година со студентските улоги во МНТ, како стипендист на институцијата, за три години подоцна професионално да ја продолжи во тогашниот аматерски драмски театар „Џинот”. Наградата говори и за ангажманот преку кој од аматерски “Јордан Хаџи Константинов Џинот”, го добива статусот на професионален театар, за еден од заслужните основачи и востановувачи на Фестивал на античка драма “ Стоби”, за директорскиот ангажман во возобновениот театар “Јордан Хаџи Константинов Џинот” и во исто време актер и режисер, за постигнатите резултати и како Уметнички директор во истоимениот театар. Исто така, наградата ги вреднува и остварените над 150 улоги како во претстави за возрасни така и за деца. Александар Георгиев со право може да биде горд на сопствените остварување на сцената во старата, трошна театарска заграда во Велес , во претставите „Чорбаџи Теодос” „Сомнително лице” и „На сечило” кога покрај себе, како колега го имаше бардот на македонското глумиште Петре Прличко.
Од повеќето улогите кои ги остварил на филмското платно треба да се спомнат „Илузија” и” Јас сум од Титов Велес”.
Добитникот на наградата за животно дело „Гемиџии“ ,за кого со право театарските критичари пишуваа дека не се штедел туку влегувал , од еден во друг проект , не гледајќи во големината на улогата туку во она што таа донела преку неговата едноставна и непосредна игра за што поуспешно да навлезе во “душата на ликовите“, на свеченото доделување да рече:
-Во мое лично име, но и во името на сите добитници на признанија по повод „9 -ти Ноември“, изразувам огромна благодарност до Општина Велес за честа која ја имаме денес. Воедно се заблагодарувам и на предлагачите. Наградите се многу драги признанија за се она што со љубов се работи во животот. Секоја си има своја тежина, но најдраги се признанијата кои доаѓаат токму од родниот град. Затоа благодарам на Велес и велешани за укажаната чест. Повеќе од пет децении активно учествував во работата на театарот и театарската култура и во оваа прилика би сакал да се заблагодарам на сите мои соработници, колеги, режисери од велешкиот и театрите од сите градови. Се разбира, најголема е благодарноста до верната велешка публика. Благодарам Велес, нека е честит и вековит 9 -ти Ноември“.
Убавка Јаневска