„Земјотрес“ во Велика Британија: Лиз Трус поднесе оставка шест недели по преземањето на премиерската функција
Трус рече дека не може да го исполни она за што е избрана и дека поднесува оставка.
Британската премиерка Лиз Трус изјави дека поднесува оставка по само шест недели како шеф на британската влада, пренесуваат агенциите.
Таа пред новинарите изјави дека ја презела функцијата во време на „голема економска и меѓународна нестабилност“.
Трус вели дека не може да го исполни она за што е избрана и дека поднесува оставка.
Шест недели по преземањето на премиерската функција, Трус се соочи со пад на пазарот на обврзници и со најлош рејтинг за британски лидер во последните децении. Таа се откажа од најголемиот дел од најавената политичка програма, а во средата остана без министер за внатрешни работи, седум дена откако го разреши министерот за финансии.
За потсетување, Трус го смени Борис Џонсон на почетокот на септември, откако беше принуден да замине по турбулентната година обележана со скандал со забава во кабинетот на премиерот додека Британците мораа да почитуваат строги мерки поради Ковид-19.